1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Прва пресуда на Трибуналот за Црвените Кмери

Повеќе од 30 години по крајот на владеењето на Црвените Кмери во Камбоџа, денеска (26.07) е осуден првиот член на тогашното раководство - поранешниот шеф на озлогласениот затвор Туол Сленг, Канг Кек Еу, наречен Дуч.

default

Канг Кек Еу, наречен Дуч, во Трибуналот за Црвените Кмери во Камбоџа

Таканаречениот Трибунал за Црвените Кмери во Камбоџа пресуди дека 67-годишниот е виновен за ужасната смрт на повеќе од 12.000 затвореници и свесно го предизвикал нивното страдање. Нил Нон, главниот судија на Специјалниот камбоџански суд изјави: „Судиите се согласни со претставниците на тужителите, дека Дуч е еден од многутемина кои се товарат за најтешки злосторства од времето на Демократска Кампучија. Трибуналот со мнозинство гласови на судиите донесе одлука за казна затвор во траење од 35 години.“

Тужителите се разочарани од пресудата

Kambodscha Roter Khmer in Phnom Penh 1975

Војник од Црвените Кмери во главниот град на Камбоџа, Пном Пен

На поранешниот управник на затворот за измачување му е намалена казната за пет години, оти во 1999 година бесправно бил осуден од страна на еден воен суд. Покрај тоа, се зема предвид досега одлежаната затворска казна, вкупно единаесет години. Ако денешната пресуда стане полноправна, на Дуч му преостануваат уште 18 години во затвор.

Претставниците на жртвите и преживеаните, кои судот ги прифати како споредни тужители, за пресудата велат дека е шлаканица в лице. Тие очекувале построга казна. Чум Сират, еден од тужителите, кој за време на режимот на Црвените Кмери изгубил двајца браќа, беше разочаран: „Ова е полошо од очекуваното. 18 години за злосторствата кои ги направил. Кога некој ќе изврши едно убиство, добива 99 години во затвор. Тој уби повеќе од 10.000 луѓе, а осуден е на 18 години.“

Пресудата се‘ уште не е полноправна


Kambodscha Völkermordtribunal für Rote Khmer Führer Kaing Guek Eav

Се очекува судењето на уште четворица водачи на Црвените Кмери

Главниот судија рече дека при донесената пресуда се земени предвид тежината на злосторствата и големиот број жртви. Само во затворот Туол Сленг, според официјалните податоци, биле мачени и убиени 12.000 луѓе.

Судот ја намали казната поради тоа што Дуч сакал да соработува, изразил жалење за стореното и им се извинил на претставниците на жртвите. Чум Сират смета дека тоа е само стратегија на одбраната на поранешниот управник на затворот: „Ова извинување не беше искрено. Покрај тоа, пред судот го призна само она што поради постоечките докази веќе не можеше да се негира. А во неговото извинување рече дека на секој роденден ќе прави будистичка церемонија, за да има чиста совест. Тој не го прави тоа за душите на жртвите, туку за неговата совест.“

Во Трибуналот за Камбоџа се очекува да започне судењето на уште четворица водачи на Црвените Кмери. Но, пресудата против Дуч се‘ уште не е полноправна. Бранителите и тужителите имаат можност да се жалат.

Автор: Бернд Муш-Боровска/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска