1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Првата германска министерка за одбрана веднаш во Авганистан

Само пет дена по официјалното преземање на функцијата министерка за одбрана, Урсула фон дер Лајен денеска (22.12.) е во посета на штабот на германските сили во Мазар-и-Шариф во Авганистан.

За време на нејзината прва посета на Авганистан, германската министерка за одбрана им изрази поддршка на војниците на Бундесверот. „Јас сум тука за војниците и можете да се потпрете на мене“, изјави министерката во гермаснкиот воен камп Мармал во Мазар и Шариф на северот на Авганистан. 55-годишната политичарка истакна дека токму во предбожиќниот период и било многу значајно да ги посети војниците на мисијата во Авганистан.

Воената база Мазар-и-Шариф е последна германска воена база во оваа земја. Бундесверот некогаш имаше 5.350 членови во Авганистан, денес во операциите на НАТО се вклучени 3.800 германски војници.

Фон дер Лајен, која некогаш беше на чело на Министерството за труд и социјални прашања е прва жена во Владата на Германија, која ја презеде функцијата министер за одбрана. Интересно е дека десетина дена пред неа во Авганистан престојуваше нејзиниот предходник Томас де Мезие.

Разговори за повлекување

Посетата на новата министерка следеше веднаш по изјавата на претставникот на Северно-атлатската воена алијанса за почетокот на преговорите за повекување со авганистанските партнери, кои и официјално започнаа во саботата (21.12.).
Генералниот секретар на НАТО сојузот, Андрес Фог Расмусен, го потврди почетокот на разговорите за т.н. СОФА договор, кој ги дефинира насоките за понатамошно делување на сојузничките сили, по повлекувањето во 2014. Расмусен порача дека суштинската улога на НАТО се гледа во „програмите за обука, советување и поддршка“ на авганистанската војска и полиција. Пред таквиот договор да биде и конечно дефиниран, Кабул би морал да направи Договор за билатерална соработка со САД, за американските војници, во одреден број, да можат и понатаму да бидат распоредени на територијата на Авганистан.

„Го поздравувам почетокот на разговорите, истакнувајќи дека договорот со НАТО сојузот нема да биде заклучен пред да биде договорена билатералната соработка помеѓу Владата на Авганистан и САД“, истакна генералниот секретар на НАТО алијансата.

Билатералниот договор со Америка е неопходен, за да се создадат законски рамки за стационирање на војниците на сојузните сили во иднина. Претседателот на Авганистан, Хамид Карзаи во повеќе наврати истакна оти нема намера да пружи поддршка за престојот на НАТО силите, по договореното повлекување, доколку тоа подразбира „нови напади и нови убивања“.

Притисок за целосно повлекување

Одолговлекувањето на Карзаи за потпишување на договорот изиритира одделни американски претставници, кои се за потполно повлекување, во случај да не се создадат услови за понатамошен престој на одреден број војници во таа земја.
Портпаролот на американскиот министерстер за одбрана Чак Хејгел изјави дека Вашингтон е „задоволен“ поради почетокот на преговорите овој викенд.
Имајќи го во предвид договореното повлекување на НАТО силите, но и поради слабите авганистански сили на безбедност, и понатаму постои страв од повторно јакнење на талибанските сили, кои Американците од власт ги симнаа во 2001. година.

Покрај најавеното повлекување, во Авганистан во иднина би требало да бидат стационирани помеѓу 8.000 и 12.000 члена на странски воени трупи. Нивната примарна задача би требала да биде обука на домашните сили на безбедност, за земјата да биде во можност да ја превземе одговорноста за безбедност на својата територија.