1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Прашањето на геноцидот важна тема и на денот на претседателските избори во Ерменија

Денеска граѓаните на Ерменија бираат нов претседател. Земјата покажува напредок на полето на демократијата, но затоа уште мака мачи со корупцијата, непотизмот и економските проблеми.

default

Минувач во главниот град Ереван гледа во плакат за денешните избори

Оваа земја со мнозинско христијанско население страда од блокадата на двата големи соседи со муслиманско: Турција и Азербејџан, кои дури ја затворија границата кон соседот. Главна причина за тоа е барањето на Ерменија Турција да го признае геноцидот врз ерменското население за време на Првата светска војна.
Спор околу историските факти
Проценките за бројот Ерменци кои настрадаа во Отоманската империја за време на Првата светска војна се движи од 300.000 па до 1.500.000. Ова се случило пред се‘ во регионот Анатолија. Клучното прашање при тоа е дали станува збор за намерно убивање со цел да се збрише целото малцинство или пак тоа е дел од воените дејствија? Османлиското царство имено се сомневало во лојалноста на ерменското население од христијанска вероисповед. Ерменците во секој случај во Првата светска војна гледале поволна можност да основаат сопствена држава.
Турската влада до ден денес го негира постоењето геноцид врз Ерменците. Но, доказите за спротивното се многу силни. А што е многу интересно тие потекнуваат токму од дипломати на германското царство, кое му беше тогаш сојузник на турското. Така на пример во јуни 1915-та генералниот конзул на Германија во Истанбул, Мордтман во еден извештај пишува:
„Тоа не може повеќе да се оправдува со воени дејствија. Многу повеќе станува збор за намера Ерменците да се уништат, како што ми кажа пред неколку недели турскиот министер за внатрешни работи Талаат Беј.„
Германија меѓутоа долго време се држеше на страна од целата приказна и со тоа презеде дел од одговорноста за настаните. Кога по војната им беше организиран судски процес на главните виновници во Турција, тројца од нив (и тоа поранешни министри во владата) успеваат да пребегаат во Германија и со тоа да ја одбегнат смртната казна.
А каква е состојбата денес?
Поради силното турско малцинство во Германија и во модерното време долго траеше додека парламентот покрена соодветна иницијатива по прашањето на геноцидот врз Ерменците. Цели 90 години по масакрите, во 2005-та година Бундестагот донесе одлука со која бара од Турција да ја прифати историската одговорност.  Слична резолуција на американскиот Конгрес во 2007-та предизвика криза во односите со Турција, која го повлече амбасадорот од Вашингтон. И францускиот парламент во 2001-та реши да се казнува секој кој го негира геноцидот врз Ерменците во Турција, на што Анкара одреагира со стопански бојкот.
Во Турција и ден денес секој кој ќе се сомели да зборува за оваа болна тема мора да смета со казна. Турскиот писател и Нобеловец Орхан Памук исто беше обвинет за сквернавење на турските национални чувства кога во еден швајцарски весник се осмели да зборува за проблемот.
Геноцидот аксиом на ерменската политика
За Ерменија, пак, која денеска бира нов претседател, борбата за признавање на геноцидот од 1915-та година од страна на Турција спаѓа во основните темели на надворешната политика.
„Да се издејствува признавање на геноцидот е дел од нашата надворешна политика, тоа беше од секогаш така и така ќе биде и понатаму. Тоа е морална обврска за секоја ерменска влада. Но, ние никогаш не го поставивме признавањето на геноцидот како услов за воспоставување нормални врски со Турција и тоа нема да го сториме ни во иднина„ – појаснува ерменскиот министер за надворешни работи Вартан Осканиан во интервју за Дојче Веле.