1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Лицата на Германија

Прашалник: Фриц Рот

default

Име: Фридрих Хуберт Рот, но ме викаат Фриц

Возраст: 60 години

Родно место: Ајкамп, покрај Бергиш-Гладбах

Брачна состојба: женет

Деца: син и ќерка

Занимање: погребник

Образование / студии: матура, католички семинар, студии по микроекономија

Како го започнувам денот? Мојот ден започнува многу рано. Будилникот обично ѕвони меѓу 5 и 5.30 часот. Го вклучувам телевизорот. Додека се подготвувавм, во позадина се емитуваат утринските магазини. За мене тоа е единствена можност да гледам телевизија. Со мојата сопруга пијам кафе и ги читам двата најважни регионални весници. Откако секој од нас ќе го прочита неговиот весник, ги разменуваме. Потоа заминувам во канцеларија.

Типично германски, според мене, е... тоа што е се‘ регулирано и пропишано. За се‘ постои пропис. А, што е најстрашно: ние се придржуваме кон тоа!

Типично за мене е... тоа што многу бргу можам да се воодушевам од нови идеи, но пред се‘ - за животот.

Мојата најдобра особина е... тоа што сум многу позитивен и оптимистички настроен. Никогаш не го гледам прво проблемот, туку велам: Ајде да почнеме, па после ќе видиме!

Моја слаба страна е... тоа што не можам да кажам „не“. Затоа понекогаш се наоѓам под притисок на време.

Во слободното време најмногу сакам... да одам на јадење со луѓе што ги сакам.

Кое е моето омилено јадење? Голем љубител сум на суши. Но, повеќе од јапонската храна го сакам англиското убаво испечено телешко филе со сос бернес или со сос од бибер. Тоа е божествено! Моето германско омилено јадење е бистра супа со кнедли од коскена срцевина и сладолед.

Која музика ја слушам? Многу слушам музика, во позадина, за време на работата. Во мојата канцеларија имам околу 1500 ЦД-а, од џез, преку класика, но и интернационални поп- интерпретатори. Ги обожавам Битлси, Мамас енд папас. Знам да ги пеам скоро сите песни од седумдесеттите! Од германските музичари ги сакам Рајнхард Мај и Штефан Зулке. Сакам и светска музика. Кога посетувам некоја земја, тогаш земам и дел од нејзината музика со себе. Музиката на Штокхаузен ми е малку тешка, иако ние го закопавме.

Би сакал да имам повеќе време... за уметност; за да можам понудите да ги поврзам со музика и да ги создадам за луѓето кои се вкочаниле од жалост.

Кога мислам на иднината... тогаш мислам на многуте нешта, коишто допрва ќе ги откриеме. Мислам на способностите што ги има човекот да пронајде нешто во неговото време, на откритија коишто се надевам дека ќе придонесат за позитивен развој на човештвото. Тука секогаш постои и опасноста дека меѓу нас се наоѓаат луѓе, коишто треба да не‘ наведат да го направиме спротивното.

Моето животно мото е... „Важно е срцето да е добро“. Ние треба да го пренесуваме „јазикот на срцето“ бидејќи е сеопфатно и на тој начин можеме да се разбереме низ целиот свет. Со помош на срцето, можеме да најдеме преспектива за секој проблем.

Автор: Жозе Оспина-Валенсија

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска