1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пратениците „реформски“ одмараат до Христовото раѓање

Од 28-ми декември до 9-ти јануари во парламентот нема никакви активности. Како ќе почне реформската 2018-та година, зависи и од тоа дали во работата ќе се вклучат пратениците од опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ.

Законските предлози со кои треба да се спроведат реформските процеси во Македонија,  ќе ги чекаат пратениците да се вратат во Собранието по двонеделен новогодишен и божикен одмор. Иако Македонија е во реформски период, во кој, според премиерот Заев „луксузот на одлагање не е предвиден во Планот и патоказот за итни реформи“, сепак, од 28-ми декември во законодавниот дом нема никакви активности. Првиот работен ден на пратениците во Новата година ќе биде на 9-ти јануари кога треба да се одржат седници на собраниски комисии, но ни тие официјално не се ставени на агендата на законодавниот дом. Засега, на веб-страницата на Собранието е закажана само една активност: седница на Комисијата за европски прашања закажана на 15 јануари во 11 часот. Тогаш треба да се одржи презентација на програмата и на приоритетите за работа на бугарското претседателство со Советот на ЕУ за периодот јануари-јуни 2018 година, која пред пратениците ќе ја претстави амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, Иван Великов Петков.

Mazedonien Gebäude Regierung (DW/P. Stojanovsk)

ВМРО ДПМНЕ уште се потврдуваат дали по Божик нивните пратеници ќе се вратат во парламентот.

Опозицијата незадоволна

Во парламентот се доставени повеќе предлог-закони што Владата ги усвои пред Нова година од сферата на правосудството, полицијата и безбедносните служби, кои се дел од реформскиот План 3-6-9. Состојбата ја компликува отуството на пратениците од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од каде сѐ уште се воздржани по прашањето дали по Божик ќе се вратат во парламентот. Такво очекување изразија и претседателот на Собранието, и премиерот.

„Искрено се надевам дека ќе дојдат веднаш по новогодишните празници, кога ќе биде закажано продолжение на седниците или нови седници. Знам дека претседателот на Собранието планира на 9-ти јануари продолжување на седници коишто не се завршени. Заради иднината на Македонија искрено апелирам опозицијата да се врати во парламентот и да работиме заедно на реформите и за нашите ЕУ и НАТО-интеграции, како и за унапредувањето на сѐопштиот квалитет на живот на нашите граѓани“, порача премиерот пред Нова година.

Повеќе на темата: 

Ќе расте ли владејачкото мнозинство во јануари?

Сѐ уште дилеми за ОТА: вистинско решение или маскота?

Бојкотот на работата на парламентот опозицијата го објаснува со непостоење на услови за тоа, сѐ додека шест нивни пратеници противзаконски се во притвор.

„Судот мора да ги согледа правните аргументи, да се води од вистината и правичноста и согласно закон да ги укине притворите. Судиите треба да знаат дека ваква политичка конструкција ќе биде осудена од сите меѓународни фактори и од Европскиот суд за човекови права“, реагираа и вчера од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачкото мнозинство велат дека токму реформите треба да бидат точка околу која сите ќе се обединат, во интерес на напредокот на земјата и потребите на граѓаните. Премиерот Заев за ДВ открива дека и лично ќе се ангажира во спроведување на реформите во превосудната сфера.  

„Својата посветеност во обезбедувањето правна држава ќе ја интензивирам и преку формирање Совет за имплементација на стратегијата за реформите во правосудството, составен од искусни практичари и експерти, со единствена цел реформите да течат со уште поголема динамика и квалитет, согласно со усвоената стратегија која ја изработија институциите, граѓанскиот сектор и експертите, и која ја усвои Владата“, најавува премиерот.

Logo Transparency International

„Транспаренси Интернешнл“ предупредува за незавршени задачи

А битка со корупцијата?

Но, постојат сфери во кои сѐ уште има незавршени обврски, предупреди невладината организација „Транспаренси Интернешнл - Македонија“. Од таму соопштија дека Република Македонија и понатаму не ги исполнува препораките од Четвртата оценка од ГРЕКО (Групата земји за борба против корупцијата), која ги опфаќа Собранието, судството и јавното обвинителство. Извештајот од четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО, донесен во декември 2013 година, содржи препораки за отстранување на дадените забелешки, но по нив сè уште не е соодветно постапено. Тоа неодамна го потврди и Марин Мрчела, претседател на ГРЕКО, кој говорејќи на Тркалезната маса „Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“, во организација на ОБСЕ и Академијата за судии и јавни обвинители, истакна дека очекува препораките да се исполнат. Од 19 препораки во извештајот, досега се исполнети три, десет делумно, а шест воопшто не се исполнети.

„Транспаренси Интернешнл“ уште лани во јануари реагираше дека четири од препораките за кои недостига имплементација се однесуваат на спречувањето на корупција кај членовите на Собранието, а другите две се однесуваат на судството и јавното обвинителство. Една година подоцна, работите не се поместени од истата  точка. „Транспаренси Интернешнл“ ја повика Владата да се зафати со исполнување на овие препораки и да формира тим кој ќе го следи нивното спроведување.

„Сметаме дека тоа е неопходно со цел да се држи чекор со одговорностите кои државата ги презела, и тоа, како што вели Мрчела, не поради ГРЕКО, туку поради граѓаните на Република Македонија“, соопшти организацијата.

 

DW.COM