1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пратениците повеќе му се умилкуваат на лидерот, отколку на народот?

Во Македонија има 52 канцеларии на пратеници заради подобра комуникација со гласачите. За експертите, „парламентот и пратениците се ’гласачка машинерија’ повеќе поврзана со владејачките партии, одошто со граѓаните.“

Националниот демократски институт од Вашингтон стартуваше во 2003 година со својот проект во Македонија за основање пратенички канцеларии.  Во изминатите десет години низ сите тие канцеларии минале околу 150 илјади граѓани. Од јануари годинава македонскиот парламент го презеде целосното раководење со мрежата на споменатите канцеларии.

Димитар Спасеновски, проектниот менаџер на невладината организација „Институт за парламентарна демократија“, која во сиве овие години до јануари 2013 беше вклучена во примената на проектот за пратеничките канцеларии, ни изјави: „Цел е во сите шест изборни единици, односно во 44 општини, да бидат отворени вкупно 75 канцеларии на пратениците.“

Дали тие канцеларии успеваат да ја намалат одалеченоста меѓу граѓаните и пратениците, ја праша ДВ Тања Каракамишева, експерт за изборни и политички системи од државниот Правен факултет во Скопје.

Таа одговара: „Многумина од пратениците не ја сфатиле тежината на пратеничката функција и ја вршат на начин, кој е во функција многу повеќе на задоволување на интересите на политичката партија што ги предложила, отколку за задоволување на интересите на бирачкото тело.“

Ако се споредува ситуацијата сега наспрема онаа од пред 2-3 години, дали пратеникот се губи од видното поле на граѓанинот и се појавува во него само кога доаѓаат избори?

Tetovo

Нема пратенички канцеларии во сите градови

Околу ова извршниот директор на Институтот за политички и економски истражувања „Либерта“ од Скопје Едмонд Адеми нагласува: „Има пратеници кои се во значителна мера активни во своите средини и кои секојдневно комуницират со своите избирачи преку тие канцеларии. Но, има и пратеници, кои ќе ги видите еднаш на 6, или на 12 месеци. Или само пред избори. Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека Собранието и пратениците имаат најниска поддршка: граѓаните јасно ставаат до знаење дека не се задоволни од работата на своите избраници, од комуникацијата со нив. Овде игра улога и пропорционалниот изборен модел со затворени листи, кој сега се применува: на пратениците им е поважно да му се умилкуваат на лидерот, за да ги стави на добивни места на изборната листа, отколку да работат за интересите на граѓаните.“

Реџаил Исмаили, пратеник на ДУИ од Куманово, е категоричен: „Секој пратеник треба да има своја канцеларија во изборните единици, а по можност и по неколку, заради поголема и почеста комуникација со бирачите. Имам пратеничка канцеларија во Липково и во неа во петоците понекогаш имам и по 20 средби со луѓето. Главно, се жалат на тешкотиите како да дојдат до македонски државјанства и околу живејачката.“

„Треба и Собранието да размислува со 'своја глава' …“

Актуелно е и прашањето: дали е Собранието „послушна машинерија“ на Владата, или е автентичен и автономен дел од севкупниот механизам на власта во РМ, со критички поглед кон владините законски проекти?

Адеми тврди: „Денес многу малку гледаме сопствени законски иницијативи, предлози за закони и измени, пред се‘, кај пратениците кои доаѓаат од владеачката коалиција. Се‘ се сведува на гласање и одобрување на предлозите што доаѓаат од Владата, без никакво критично согледување од самите пратеници на владејачкото мнозинство. Пратениците настапуваат во име на партијата. Собранието е апсолутно послушна машинерија-приврзок на Владата. Иако Уставот вели дека  Собранието ја контролира Владата, се случува обратното: Владата го контролира Собранието. Законите што ги предлага таа поминуваат како на филмска лента, без расправа, без критички осврт, без никакви анализи.“

Светлана Карапетрова, пратеничка од ВМРО ДПМНЕ од Тетово изнесува поинакво мислење: „Членувам во три парламентарни комисии. Имало случаи кога доаѓале законски решенија, при што јас сум имала свое одредено мислење, вклучително и нашата пратеничка група. Врз основа на мислења на граѓаните сме давале наши предлози и амандмани на законите, за да ги подобриме. Влијаеме врз законите, ако сметаме дека нешто е пропуштено, или ако не е во согласност со потребите на граѓаните.“

Mazedonien Kommunalwahlen

Граѓаните - „интересни“ само пред избори?

Каракамишева истакнува: „Владата не треба да си дозволи надредено однесување во однос на другите институции, а посебно не кон Собранието, кое ги избира министрите, бидејќи таа одговара за својата работа токму пред него. Во одредени ситуации може да се оправда ’послушничкиот’ однос на Собранието кон Владата, бидејќи членовите на Владата се партиски соработници со мнозинскиот состав на Собранието, кои учествуваат во заедничкото градење на политичките ставови и мислења во партиските тела. Но, во одредени ситуации е можно и е потребно Собранието да размислува со ’сопствена глава' и да се спротивставува на одредени предлог-решенија на Владата, ако смета дека тие не кореспондираат со интересите на граѓаните.“

Карапетрова надополнува:: „Јас немам добиено пратеничка канцеларија од Институтот за парламентарна демократија, иако ја барам две години. Имам  'пратеничка канцеларија' во седиштето на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Тетово и секој петок имам од 20 – 60 средби со многубројни граѓани. Тоа не е логично таму да ги примам: јас не сум претставник само на оние што гласаа за мене, туку на сите тетовци. Не смее да има дистанца меѓу нив и пратеникот, кој е нивен мост кон институциите и Собранието. Сите потреби на граѓаните сакам да ги пренесам во Собранието и да помогнам кон донесувањето законски решенија за подобар живот.“

ДВ праша и дел од граѓаните на Тетово како ја оценуваат работата на парламентарците, дали имаат контакти со нив?

Тие велат: „Пратениците најмногу ги гледаат своите интереси. Се појавуваат пред граѓаните само пред избори.“;  „Во Собранието повеќе истапуваат од партиски позиции, работат според партиски директиви.“; „Пратениците од македонскиот политички блок, сепак, имаат некакви контакти со својата изборна база и тоа не само спроти избори. Но, тие гу застапуваат ставовите на партиите, а помалку мислењата на народот.“; „Парламентот не е самостоен, туку е врзан за партиите на власт.“