1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Право на вода - граѓаните против Европската комисија

22. март е Меѓународен ден на водата. Таа не е грижа само на луѓето во „третиот свет“, туку и граѓаните на ЕУ мора да го бранат водоснабдувањето од алчноста на „инвеститорите“ и приватизацијата по желба на ЕК.

Дали водата е стока, како чевлите или автомобилите? Всушност, во економски смисол водата едвај се разликува од продажбата на чакал или какво било рудно богатство. И во едниот и во другиот случај се потребни инвестиции за доаѓање до подземното богатство и негова испорака до оние на кои им е потребно. Затоа и Европската комисија, во општите напори и мерки за штедење, на крајот на минатата година предложи „смерници за доделување концесии за услужни дејности“ на општините, каде локалната управа всушност се тера на „отворање на пазарот“, со други зборови, на приватизација. А тоа значи приватизација на градските водоводи.

Тешко е да се каже дека бирократите во Брисел, се‘уште заслепени од неолибералните економски принципи, не го знаат познатиот факт: приватизацијата на водоводите никогаш, а тука едноставно нема исклучоци, не довела до поевтина и подобра вода за граѓаните.

Водата поскапела четири пати!

Тоа радо го потврдува и Умберто Брито од португалското градче Пасос де Фереире. И таа општина го „отвори пазарот“ за своето водоснабдување и го приватизираше својот водовод. Резултатот е вистинска катастрофа: водата за кратко време поскапе за 400 проценти, се‘ поголеми сметки стигнуваат секоја година, сведочи Брито.

Велика Британија исто така, во своевремената поплава на приватизации во времето на конзервативните влади, го приватизираше водоснабдувањето. Најголемиот водоснабдувачки систем, Темс Вотер, кој ја снабдува и метрополата Лондон, му припадна на германскиот ЕрВеЕ. Тоа не му служи многу на чест, зашто водата во Лондон поскапе за речиси 150 проценти, а целата приказна заврши со повторно враќање на водоводот во јавна сопственост. Зашто, иако ЕрВеЕ извлекуваше милионски профит, водоводниот систем стана толку дотраен, што беше загрозено и самото водоснабдување.

Зошто тогаш Брисел опстојува на плановите за приватизација? Без сомнение, под маската на мерки за штедење, тука се провлекуваат сосем јасни интереси на меѓународните концерни, кои во тоа гледаат сјајна прилика за сигурна заработувачка. Така и во „Нестле“ се залагаат за приватизација на водоводите за „граѓаните да ја увидат вредноста на водата која ја пијат“.

Монополот останува монопол

Треба да се потсети дека ваквите концерни располагаат со средства поголеми од буџетите на некои од земјите на ЕУ (ЕрВеЕ остварува 153 милијарди евра промет, „Нестле“ - 68 милијарди евра, „Веолиа“ - 34 милијарди евра...), а и на ниво на основните економски правила таквата приватизација е чиста глупост и само алчност на одредени интересни групи. Точно е, навистина, дека секој монопол нема причини да ги спушта своите цени, а водата била и останува монопол, па дури и кога е приватизирана.

Зашто, во домовите не може да постојат различни славини, па да имате избор од која ќе пуштате вода зашто е поевтина. Со приватизацијата не се постигнува пазарна конкуренција, туку еден монопол, оној на државата или општината, се заменува со друг, на некој концерн или финансиски инвеститор. Додека државата и општината, пак, било тоа само од пристојност или страв од граѓанско незадоволство, евентуалната добивка ја вложуваат во самиот систем на водоснабдување, концерните и приватниците, според природата на работите, ја ставаат во својот џеб!

Значи, и „Нестле“ мора да сфати дека водата не е чоколадо, туку основна потреба, дури и право на секој човек, како и на воздух или сончева светлина. Затоа оваа иницијатива на ЕК предизвика вистинска поплава од незадоволство и првпат во историјата се случи да биде веќе исполнет потребниот број граѓани кои со петиција се спротиставија на приватизацијата на водата.

„Рајт 2 вотер“

Иако, тоа е прилично тешко: во Европа за успех на петиција треба да се соберат еден милион потписи од барем седум држави, сепак, иницијативата „Рајт 2 вотер“ за само неколку месеци собра милион и триста илјади потписи од речиси сите држави на ЕУ. Барањата на оваа граѓанска иницијатива се сосем едноставни: тие се темелат на водата како основно човеково право, се бара од ЕУ сите граѓани да уживаат во благодетите на чиста вода, таа да не стане предмет на трговија и пазар и да биде исклучена од либерализацијата.

Ваквата иницијатива ја поддржуваат и бројни припадници на јавниот живот, естрадата, па и благородништвото, како холандскиот престолонаследник Вилхелм Александар, еден од најгласните приврзеници на основното право на вода.

Ваквата бура незадоволство сепак стигна и до ушите на бирократите во Брисел, па еврокомесарот Мишел Барние објави промена на предлогот. Така, од приватизација би „можеле да бидат“ изземени системите за водоснабдување кои 80 проценти од своите води ја нудат на само еден град и 20 проценти на околината.

Брисел едноставно-лаже!

Проблемот е, како што откри германскиот телевизиски магазин „Монитор“, што отстапката на Брисел е чисто фрлање прашина в очи на граѓаните на Европа. Така, и претставничката на Европскиот парламент Хајде Риле предупредува-промената во основа не се разликува од смерниците, и ЕК и натаму упорно заговара приватизација на услугите за водоснабдување.

Значи, и натаму останува предизвикот за граѓанската иницијатива против приватизацијата на водата.