1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Правото на соодветна исхрана е основно право на човекот

Коментар на Хеле Јепесен

default

Карта на региони погодени од глад

16-ти октомври, денот на кој во канадскиот град Квебек е основана ФАО – Агенцијата на ОН за исхрана и земјоделство, се одбележува како светски ден на исхраната, односно за борба против гладот.

Тогаш, непосредно по крајот на Втората светска војна, гладуваа милиони луѓе – и во Европа исто така. Денес се проценува дека повеќе од 850 милиони луѓе страдаат од глад. Добра вест е дека планетата Земја има доволно ресурси, а луѓето доволно познавања, за секој од 6,6 милијарди жители да може здраво да се исхранува. Лошата е дека многумина гладуваат, оти не постапуваме така.

Наместо да се размислува долгорочно, во богатите земји се гледа краткорочно само на она што носи предност за нив – и тоа веднаш. За добивање био-горива за европските автомобили, се уништуваат тропските прашуми. Со одгледување субвенционирани земјоделски производи, кои потоа се пласираат на светските пазари по ненадминливо поволни цени, уште во зародиш се задушуваат повеќе од потребните аграрни реформи во земјите во развој.

Сепак, погрешно е вината да им се префрли само на богатите индустриски земји, оти со тоа не се зема предвид целата далекусежност на проблемот. Бразилскиот претседател Лула да Силва тврди дека одгледувањето растенија за добивање био-гориво не придонесува за надминување на проблемот со гладот. Но, заборава да спомне дека ни неговата влада не успеа позначително да ја намали стапката на недоволно исхранети во земјата.

Ако се погледа картата на ФАО за подрачјата во Африка погодени од глад, таа точно се совпаѓа со една карта за лош владин менаџмент. Освен тоа, храната се става во функција на одржување на власта. Не ретко помошта за основни прехранбени средства се злоупотребува за набавка на оружје или за трупање милиони и милијарди на приватните сметки на деспотски диктатори.

При одбележувањето на Денот на исхраната не станува збор за помош во прехранбени средства, туку за правото на соодветна, доволна редовна исхрана за сите. Тоа ќе биде постигнато дури тогаш, кога секоја земја ќе може да го прехрани сопственото население. А тоа претпоставува сфаќања кои не се ограничуваат на апетити за краткорочна добивка, туку како цел да се постави основното право на сите за соодветна исхрана.