1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Правото за поседување оружје во САД останува недопрено

Колумбијан, Вирџинија Тек, Форд Хут и сега Аурора, во САД се вршат се’ повеќе атентати. Но заострување на законот за оружје не е на повидок. Претседателот Обама и неговиот предизвикувач Ромни се воздржани по ова прашање.

И последното злосторство се најде на насловните страници ширум светот. Во едно кино во Аурора во близина на Денвер беа застрелани 12 луѓе, а повеќе десетици повредени. Осомничениот атентатор Џејмс Холмс сега мора да одговара пред суд. За прашањето, како можеше толку лесно да стигне до оружје и муниција и дали САД треба да ги заострат законите за оружје, во земјата и покрај ова речиси и да не се дискутира.

Иако политиката веќе ја откри оваа тема, но по поранешни случаи, слични на овој. Во март 2011. два месеца по обидот за атентат врз пратеничката Габриел Гифордс во Тусон, која беше тешко повредена, а шестмина загинаа, американскиот претседател Барак Обама во еден коментар во дневниот весник „Аризона дејли стар“ се изјасни дека мора да се најде начин „САД да се претворат во побезбедно место“. 

USA Denver Kino Attentäter James Homes OVERLAY

Џејмс Х. уби 12 луѓе во киното во Аурора

Досега меѓутоа се случува токму спротивното: Според една анкета на Галуп од 2011. година, изминатата година 47 проценти од сите домаќинства во САД поседувале оружје - тоа е највисоката вредност по 1993. година. Партиската припадност притоа не игра голема улога. Порастот на приврзаниците на демократите, кои поседуваат оружје, е од 32 на 40 проценти во споредба со 2010. година, додека меѓу републиканците исто така е забелажан пораст, но не е толку драстичен, од 52 на 55 проценти. Многумина Американци немаат проблеми отворено да се произнесат за своето огнено оружје.

Причина за притајување нема. Правото за приватно поседување на оружје е вкотвено во уставот на САД. Вториот дополнителен член на основните права на секој Американец гласи: „бидејќи добро обучената полиција е неоходна за безбедноста на слободната држава, правото на народот да поседува и носи оружје не смее да биде спречено.“

Лоши оценки за Обама

Иако американскиот претседател уште пред повеќе месеци се изјасни за поголема безбедност, сепак се ограничи на барањето-подобро да се спроведат постоечките закони, а не да се воведат нови и построги и единствени за територијата на целата држава. Тој уште укажа дека неговата влада ги проширила правата на сопствениците на оружје. „Кон ова се вбројува тоа на луѓето да им биде дозволено да го носат своето оружје во националните паркови и природните резервати“. Политиката наклонета кон лобито за оружје на владата на Обама доведе до тоа, кампањата Бреди, која ширум земјата се залага за построги закони за оружје, на претседателот во 2009. година да му додели "F" за "failing" – односно оценка дека паднал на испитот.

Kino Amoklauf Denver Trauerfeier

Тага по атентатот во Аурора, но за заострување на законите за оружје не се зборува

Обвинувањето: Обама меѓу другото пропуштил да затвори дупка во законот, според која на „ганшоус“ (мешавина од саем за оружје и пазар за стари работи, н.з.) не се потребни т.н. беграунд чекс. Имено, поинаку отколку во продавница, купувачите на оружје таму не се проверуваат. Исто така кога едно оружје се предава од приватно на приватно лица во рамките на една сојузна држава, не се врши проверка. Исто така и ограничувањето за поседување на полуавтоматско оружје, кое истече во 2004. година, досега не е обновено. Осомничениот атентатор од Аурора, Џејмс Холмс во киното стрелаше најпрвин со такво полуавтоматско оружје. Поради тоа што се закочило полнењето на ова оружје, тој потоа користеше друго оружје со помала јачина - инаку се претпоставува дека ќе имаше уште повеќе жртви. 

Моќното лоби за оружје

Kino Amoklauf Denver Obama

Американскиот претседател Барак Обама

Деталите за купување на оружје ги регулира секоја сојузна држава. Така на пример времето на чекање на оружје е различно. По смртоносната престрелка на универзитетот Вирџинија Тех во 2007. година, кога беа убиени 32 лица, беше донесен закон за територија на целата држава, според кој се бара доставување на медицинско мислење до ФБИ, но тоа не е нужно пропишано. За атентаторот од универзитетот во Вирџинија имаше лекарско мислење дека имал ментални пречки, и бил подлежен на психијатриски третман - но и покрај тоа можеше да купи оружје, со кое го изврши крвопролевањето меѓу неговите колеги студенти. Тој доброволно бил на третман, во таков случај според законот на сојузната држава Вирџинија, не е неопходно проследување на информациите.

Меѓутоа и по вакви атентати како овој во Аурора лобито за оружје, пред се’ моќната асоцијација NRA (National Rifle Association) и натаму опстојува на уставното право за поседување на оружје и одбива промена на законите. Тие дури го вртат расположението против претседателот Обама. Обама планирал тајно, до 2016. година да го укине вториот додаток на уставот, пишува вице претседателот на оваа органзаиција Вејн ЛаПјер и предупредува од „многу реална и многу опасна завера и залажување на јавноста, што служи за тоа да се уништи правото за поседување на оружје“. Како доказ цитира поранешни изјави на Обама. 

USA Wahlkampf Mitt Romney Illinois

Републиканецот Мит Ромни

Претседателот Обама навистина во минатото имаше значително построги гледишта во однос на законите за оружје. Како сенатор од Илиноис се залагаше за забрана на полуавтоматското оружје, барање кое го повтори и како претседателски кандидат во 2008. година. Но, оттогаш малку работи се променија. Сега, по атентатот во Аурора, неговиот портпарол Џеј Карни пред новинарите подвлече дека претседателот се концентрира, постоечките закони подобро да ги спроведе, за да можат да купуваат оружје само оние, кои се овластени за тоа.

Ден Грос, претседателоот на Бреди кампањата на ова одговори: „Не сакаме сочувство, сакаме да видиме дела“.  Апелот на Грос не беше насочен само кон претседателот, туку и кон неговиот предизвикувач во трката за претседател, републиканецот Мит Ромни. И Ромни на пример како гувернер на Масачусец во јули 2004. година се потпиша за трајна забрана на автоматско оружје. Но, во меѓувреме отворено се залага да ја добие наклонетоста на лобито за оружје. Во 2006. година тој стана доживотен член на асоцијацијата NRA.

Имено, како Обама, така и Ромни, знаат: Оној кој се залага за построги закони за оружје, во САД во моментов не може да собере поени. Уште помалку да победи на претседателски избори.