1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Православните христијани го прославуваат Бадник

Во пресрет на Бадник, синоќа во населените места во Македонија се одржаa народни собири со палење бадникарски огнови. Рано утрината, пак, Рождеството Христово го најавија децата коледарчиња.

Православните христијански верници во Македонија денеска (06.01) го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово - Божик.

Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што на годинашниот кум, бизнисменот Даниел Воиновски, ќе му биде врачен преодниот бадникарски ќуп.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и, според обичајот, оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се‘ по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата. Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик, големиот христијански празник.