По 14 македонски работници дневно доаѓаат во Германија | Македонија | DW | 23.05.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

По 14 македонски работници дневно доаѓаат во Германија

Над пет илјади македонски граѓани во 2017 година добиле работа во Германија врз основа на т.н. Западнобалканско правило.

Deutschland Bauarbeiter bei der Arbeit Symbolbild (picture-alliance/Sven Simon)

2017: Од државите од Западен Балкан најмногу луѓе нашле работа во германското градежништво

Таканареченото „Западнобалканско правило“ за работа во Германија во 2017 година го искористиле, односно работа добиле, околу 20.000 луѓе од државите на Западниот Балкан. Од нив, граѓани на Македонија се 5.167. Најмногу граѓани кои добиле работна виза има од Косово - 6.012 и од Босна и Херцеговина - 5.933 лица. Од Србија виза за работа во Германија добиле 4.577 лица, од Албанија - 2.796, а од Црна Гора - 856.

Со Западнобалканското правило, донесено во септември 2015 година, им се олеснува добивањето работа во Германија на граѓаните од шесте држави на Западниот Балкан во периодот 2016-2020 година. Предуслов за доаѓање е согласност од германската Агенција за работа и имање конкретно работно место, односно место за обука, со плата која е вообичаена за германски услови. Исклучок се лицата кои во последните две години пред да постават барање за работна виза добивале помош за азиланти, кои не добиваат согласност за работа.

Во одговорот на германската влада на прашање поставено од пратеници на Левицата, се дадени и подетални податоци околу вработувањето на Балканците. Наведено е дека во 2017 година вкупно 283.922 лица добиле виза за работа во Германија, а од нив дури 92.993 биле од државите од Западниот Балкан. Притоа, работа врз основа на Западнобалканското правило добиле 74.577 лица.

Најмногу западнобалкански работници во изминатата година, по околу 18 илјади, отишле во покраините Баден Виртемберг и Баварија, а најмалку во Бремен - 381.

Без конкуренција најмногу луѓе од регионот во 2017. нашле работа во градежништвото - 31.257. Потоа следуваат гастрономијата - 11.934, здравството и социјалата - 7.692 и неспецифицирани стопански дејности - 7.382. Најмалку луѓе се вработиле во администрацијата - 47 и во енергетските дејности - 46.

Гледај видео 03:23
Now live
03:23 минути

#DE_Facto: Непотизмот и врските за работа во Германија

Германската влада во својот одговор на прашањата на пратениците наведува и дека во германската амбасада во Скопје во втората половина од 2017 година биле поднесени 4.041 барања за работна виза врз основа на западнобалканското правило, што е втор најголем број на барања (повеќе се поднесени само во Приштина - 5.113). Веројатно затоа е зголемен и персоналот во амбасадите кои работат на обработка на барањата за визи. Амбасадата во Скопје добила двајца работници плус, додека во Приштина биле вработени плус три лица. Персоналот во Тирана, Подгорица и Белград останал на исто ниво, а во Сараево е вработено плус едно лице. Што се однесува до времето на чекање од барањето термин во амбасадите до денот кога се поднесува барањето за виза, најбавно оди во Приштина и Сараево, каде што се чека над една година. Во Белград се чека 7 месеци, во Тирана 6 месеци, а најкратко е времето на чекање во Скопје - 4 месеци.

Повеќе: 

Што ги очекува македонските лекари во Германија?

Очајот ги тера Балканците на работа на црно во Германија

До работа во Германија преку Фејсбук?

Пратениците на Левицата ја прашуваат Владата и колку контроли се спроведени кај работодавачите во врска со работните визи за лицата од Западен Балкан. Одговорот е дека откако бил даден позитивен одговор за работа, направена е контрола во 3.500 случаи и кај околу 200 има сомневање за прекршување на законот, или кривично дело. Во најголемиот дел од случаите има укажувања дека работодавачот не ги почитува работните услови наведени во постапката за виза (плата, работно време и други услови), или пак дека лицата добиле согласност за една работа, а извршувале друга. Отворените прекршочни, односно кривични постапки, се сѐ уште во тек.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема