1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

По 11.09. економијата во светот бргу застана на нозе

Економските штети што ги предизвикаа терористичките напади на 11 септември 2001 веројатно никогаш нема да можат точно да се определат. Како последица од нив, практично и да немаше фирма во светот која во својот биланс не го вклучи и овој датум. Меѓутоа, во голем број случаи тоа се користеше како оправдување за тоа што не беа постигнати посакуваните резултати. Во многу држави и пред овој датум стопанството одеш

е удолу. Вкупно посматрано, надворешниот шок од 11 септември предизвика помалку економски штети отколку што прогнозираа песимистите:

Многумина луѓе и по пет години од нападите се уште можат точно да се сетат што правеле во моментот кога првпат ја чуле веста за нападот во Њујорк:

„Да, јас се уште многу точно се сеќавам дека бев овде во бирото, се вратив од една седница и потоа во секретаријатот ги гледавме сликите од Светскиот трговски центар во Њујорк и бевме ужаснати. А, по околу 15 минути телефонираа првите новинари кои бараа проценка што ќе значи сега тоа. Се разбира во тој момент не можевме ништо да одговориме„ – вели Ролф Крокер, од Институтот за германското стопанство во Келн. На прашањето за економските последици од 11 септември ни денес никој не може да одговори. Дали воопшто имаше обиди да се определат штетите?

„Ние тоа не го направивме, и мислам дека е исклучително тешко да се направи нешто такво зашто има премногу аспекти што треба да бидат земени предвид. Досега не ми е позната ниту една студија посветена на тоа„.

Сепак е можно да се направи обид да се подредат настаните по тој црн вторник. Се разбира, најбргу реагираа берзите. На њујоршки Вол Стрит работата веднаш беше запрена. Берзата 5 дена беше затворена што беше најдолгиот прекин по Првата светска војна. Германските акции вечерта вредеа 10 проценти помалку од утрото, во Токио, Никеи-индексот падна на најниско ниво од 1984. Меѓутоа, берзите многу бргу се опоравија од големите загуби. Глобалните финансиски институции реагираа бргу. Во договорената акција Европската централна банка, американската национална банка, јапонската банка и швајцарската национална банка обезбедија дополнителна ликвидност за да не се појават тесни грла и да го поддржат американскиот долар.

Заштитена беше и американската авио-индустрија со 15 милијарди долари од Вашингтон. Европските министри за финансии се договорија со индиректна помош да ги поддржат европските авио-компании. Сепак од оваа и онаа страна на Атлантикот дојде до банкрот и до масовни отпуштања во авио-браншата. Од последиците на 11 септември се жалеа и туристичката бранша и осигурителните компании: намалување на букирањата и дупки во билансите. Така, осигурителните компании штетите од нападите врз Њујорк ги проценија меѓу 11 и 42 милијради евра. Всушност, во наредната година практично немаше фирма што во билансот не го пресмета и датумот 11 септември. Меѓутоа, често тоа беше изговор, зашто многу стопанства уште пред овој датум се наоѓаа на надолна линија:

„Мислам дека ако ја погледнеме Германија, ние веќе бевме во фаза на стагнација и тоа имаше малку врска со 11 септември. Со години Германија беше на европската опашка во конјунктурата и растежот, а тоа имаше малку врска со нападите, но многу повеќе што ние не си ги завршивме домашните задачи„ – вели Ролф Крокер. Други држави многу бргу се опоравија од надворешниот шок, посебно жртвата на терористичките напади, САД. Меѓу другото, со помош на огромни државни издатоци и намалување на даноците што до тогаш балансираниот државен буџет го доведоа до нови должнички рекорди. Но, конјунктурната локомотива САД бргу беше поворно во погон со што беше спречена чумата - нова светска рецесија:

„По сето тоа може да се каже дека светското стопанство не влезе во длабока рецесија, туку светската економија и натаму се развиваше позитивно, така што не беа претпрени никакви големи штети„.

Сепак, светот на економијата по 11 септеври веќе не беше како порано, смета Ролф Крокер од институтот за германското стопанство:

„Добро се сеќавам дека од 1989 година, кога се распадна Советскиот сојуз и кога заврши студената војна, целиот свет зборуваше за ’мировна дивиденда’ зашто можеше помалку да се инвестира за надворешната безбедност, дека се ослободуваат повеќе пари за други потреби што секако беше исправно. По 11 септември овие пари беа насочени во други потреби, сега не во вооружување, но во засилени безбедносни структури, што значи дека тие ’мировни дивиденди’ исчезнаа и се префрлија во други лончиња. Така, 11 септември имаше влијание зашто светот сепак се промени„.