1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По убедливата победа на Конгресната партија: смена на генерациите

Конгресната партија на премиерот Манмохан Синг забележа неочекувано убедлива победа на парламентарните избори во Индија. Избирачите ги казнија националистите и комунистите.

default

Приврзениците на Конгресната партија ја слават победата

Индијците го хонорираа стопанскиот успех на премиерот Синг во изминатите години и им дадоа нему и на неговата Конгресна партија јасен мандат за формирање влада. Граѓаните сакаат стопански пораст и политичка стабилност. Тоа е најважната порака од гласањето. Ова се нагласува и ако се погледне кои се губитниците: најголемата опозициона партија Баратија Џаната не успеа да привлече избирачи надвор од традиционалното милје на Хинду-националистите, а тирадите на омраза против муслиманите придонесоа за тоа - избирачите оваа партија да ја поврзат со нетолеранција и насилство против малцинствата. Тоа, навистина, ја мобилизира базата на партијата, но ги заплаши потенцијалните избирачи.

Сметката не се оствари

Меѓу губитниците е и таканаречениот „Трет фронт“ - изборен сојуз од регионални партии, партии кои застапуваат интереси на кастите и Комунистичката партија. Пред изборите се предвидуваше дека овој сојуз ќе игра клучна улога во формирањето влада кај очекуваната пат-позиција меѓу големите партии. Излезе сосем поинаку. Комунистите, кои лани ја напуштија владата поради нејзиниот курс на приближување со САД и нуклеарната политика, имат најслаб резултат за повеќе децении, доживеаја горчлив пораз токму во своето упориште на североистокот на земјата. Избирачите, се чини, не им веруваат дека имаат одговори за важните прашања за земјата во 21 век.

На Синг му недостасуваа малку гласови за да обезбеди мнозинство во парламентот, но овојпат ќе изостане компликувано формирање влада со помали партии, поради нивните партикуларни интереси. Тоа ветува стабилни односи, кои и’ се повеќе од потребни на Индија. Оти, земјата во која милиони и милиони луѓе живеат далеку под границата на сиромаштија, има потреба од одговори на прашањата. Како може да се обезбеди стопански пораст со оглед на светската криза? Како може да се надмине системот на касти, кој официјално одамна е укинат, но опстојува во главите на луѓето, како да се создадат еднакви шанси за мнозинството од населението, кое речиси и нема пристап кон образованието и здравствената заштита? Како може да биде гарантирана внатрешната безбедност, со оглед на заканата од религиозните фанатици? Како можат да се стабилизираат односите со Пакистан? Во предизборната кампања Конгресната партија понуди најблиски, иако се‘ уште недоволни одговори. Новата влада мора да се зафати со овие проблеми, ако земјата сака трајно да го зголеми своето политичко влијание во 21 век и да ги зачува своите интереси на светската политичка сцена. Се’ уште има премногу дефицити, за да може да се зборува за Индија како суперсила.

Нови сили на политичката сцена

Манмохан Синг, поради длабоката старост, се збогува од власта, но во предизборната кампања блесна како нова суперѕвезда Раул Ганди, внук на поранешниот премиер Индира Ганди, син на претседателот на Конгресната партија Соња Ганди. Со својот ангажман во кампањата, тој и’ ги донесе на партијата мнозинството од гласовите 43 милиони млади, кои за првпат гласаа. Раул Ганди вешто се презентира како претставник на модерна Индија, со аспирации да ги претставува сите Индијци. Тој помогна Конгресната партија повторно да се отвори за многу струења на индиското мултиетничко општество. Во него се полага доверба наскоро да го преземе водството од Синг и Конгресната партија повторно да ја етаблира како главна сила во индиската политика.


Коментар: Греем Лукас/ Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска