1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

По трагите на еврејскиот живот во Келн

Еврејската заедница на Келн има речиси две илјади години бурна историја. Во официјални документи првпат е спомената во четвртиот век, а во средниот век прераснала во најголема заедница на Евреите во Германија.

default

Еврејската бања во Келн

Оној кој ги бара корените на еврејски Келн, мора да отиде во стариот дел од градот. Пред зградата на општината се наоѓа Микве, односно еврејска ритуална бања, чии корени датираат уште од осмиот век. Членовите на еврејската заедница морале да ја посетат бањата секогаш кога ќе прекршеле некои од еврејските религиозни правила, објаснува Тал Каизман од еврејската заедница:

„Тука доаѓале најрелигиозните мажи, пред да ја допрат тората. Жените по месечниот циклус. Исто така и приборот за јадење морал да биде поминат во бањата, пред да биде вистински чист, според еврејските обичаи.“

Бањата во Келн е една од најстарите и најзначајни еврејски градби на германско тло. Еден едикт на кралот Константин од 321 година покажува дека уште во римскиот период во Келн егзистирала голема и богата еврејска заедница. Келнските Евреи не само што ја финансирале изградбата на Келнската катедрала, туку го изработиле амблемот на израелското знаме.

Старата синагога како подземен музеј

Kölner Synagoge Außenansicht

Денешната синагога во Келн

Келнската синагога е исто така една од најстарите од тој вид во Германија. Таа била изградена врз темелите на една градба од доцниот антички период, која најверојатно и самата била користена како синагога.

„ Синагогата најверојатно е изградена во четвртиот век и потоа постојано одново градена во дванаесеттиот, тринаесеттиот и четиринаесеттиот век. Сепак во 1424 година приказната завршува“, вели Свен Шите, директор на келнската археолошка зона.

Таа 1424 година Евреите биле протерани од средовековниот град, а синагогата била уништена. Сега Свен Шите, заедно со неговиот тим археолози вршат ископувања, со цел да ги приберат остатоците од неа. Планирано е кон крајот на 2012 или почетокот од 2013, реконструираната синагога, заедно со други антички монументи, да биде претворена во подземен музеј.

Еврејската историја на Келн оставила траги и во поново време, како што покажуваат и фигурите на келнски граѓани-Евреи, претставени на фасадата на старата зграда на општината. Тал Каизман набројува неколку:

„Карл Маркс, Моси Хес, Жак Офенбах, Абрахам Опенхајмер и правникот Макс Боденхајмер.“

Долги години христијаните и Евреите мирно живееле во градот на Рајна. Сепак, погромот на Евреите во време на нацистичкиот период ги стигнал и оние во Келн - на келнското пристаниште Дојц имало оддел на концентрационот логор Терезиенштат.

Учителот кој спасил 130 ученици

Karl Marx

Карл Маркс, еминентно име од келнската еврејска заедница

Уште еден од еврејските белези на Келн се наоѓа на улицата „Аперн“. Таму во дваесеттите години на минатиот век се наоѓала првата и досега единствената еврејска гимназија во рајнскиот предел на Германија. Денес на местото има плоштад што го носи името на еврејскиот директор на училиштето, Ерих Клибански. По доаѓањето на нацистите на власт, тој смислил мудар план како да ги спаси животите на своите ученици:

„Тој буквално ги молел родителите на еврејските деца, кога ќе наполнат тринаесет години да ги испратат во Англија, наводно на размена на ученици, за да можат таму да останат. Тој го форсирал ова по 1938 година. Дел од наставата се изведувала на англиски, за децата да можат подобро да се снајдат во англиското говорно подрачје.“

На овој начин тој спасил 130 деца од сигурна смрт. Нивните имиња се испишани на осум бронзени табли, кои денес стојат на местото каде се наоѓала еврејската гимназија.

Автор: Даниел Шешкевиц / Трајче Тосев

Редактор:Жана Ацеска