1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

По стапките на Браќата Грим

Со ликовите од светот на бајките со векови растеле многу генерации. Веќе се навршија два века од првата збирка бајки од браќата Грим, која од УНЕСКО е прогласена за дел од светското културно наследство.

Старата аула на универзитетот во Марбург, основан во 1527 година, како прв протестантски универзитет во светот, го носи името на основачот, кнезот Филип Први. Браќата Грим дојдоа да студираат овде, во Марбург на Лан, по детството во Ханау и школските денови во Касел - Јакоб во 1802, а помладиот Вилхелм една година подоцна. Наводно, биле многу желни за знаење, трудољубиви и амбициозни.

Во центарот на средновековниот Горен град е Градското собрание, доцнежноготска градба, стара околу 400 години. За Јакоб Грим тоа не е идила, тој се чувствува притеснет во заплетканите сокаци.

Marburg - Landgrafenschloss

Марбург

На плоштадот, во Куќата на романтиката, се отсликува духот на времето од почетокот на 19 век. Тоа беше епоха на темелни промени. Срцата и умовите ги понесе ново литературно струење - романтизмот. Тоа ги инспирира браќата Грим да ги собираат дотогаш само усно пренесуваните бајки. Една трајна постановка е посветена на трасерите на патот за германскиот романтизам, меѓу нив и писателката Бетина фон Арним, која им стана добра пријателка на браќата.

Во Марбург денес има повеќе од 20 илјади студенти, наспроти 170 во времето кога студираа Грим.

За многуте стрмни скали во градот Јакоб Грим еднаш напиша: во Марбург има повеќе скали на улиците, отколку во куќите. Во една куќа дури се влегува преку покривот. Така е останато до денес.

Преку скали се оди нагоре кон замокот на кнезот. Тој се користи како музеј за уметност и историја на културата, како и за проекти на универзитетот, посветени на дејствувањето на браќата Грим во Марбург.

„Браќата Грим секако спаѓаат меѓу најзначајните и најпрочуени студенти во Марбург. Убавото овде е дека кога ги читаш тие стари текстови, во градов всушност се наоѓаш во оригиналната ситуација и можеш да доживееш по кои спирални скали се качувале, какви погледи им се отворале; тука не е многу променето“, вели Кристоф Отербек од Музеј за уметност и историја на културата.

Kasseler Wasserspiele

Касел

Но, вистински дом за Гримови бил Касел. Во тој град во покраината Хесен тие живееле повеќе од 30 години. Работеле како библиотекари во служба на крунскиот кнез. Промениле пет станови и секогаш живееле заедно. Бомбите во Втората светска војна ги преживеа само куќата на плоштадот Браќа Грим.

Во Касел тие ја преработиле збирката бајки со повеќе од 200 различни приказни. Значајни биле и нивните истражувања на јазикот, кои станаа основа за германистиката - науката за германскиот јазик. Почит за нивното животно дело им се оддава во музејот Грим. Тоа е место за многу откритија и за децата.

Бајките на Грим спаѓаат меѓу најпреведуваните германски книги во светот и можат да се читаат на 160 јазици. Меѓу богатствата на музејот се оригиналните изданија на детски и куќни бајки. Од 2005 година тие се дел од светското културно наследство.

Brüder Grimm 200 Jahre Denkmal in Kassel

Споменик на браќата Грим

Без една жена ќе недостасувааа многу бајки во збирката - Доротеа Фиман им раскажала на браќата Грим околу 40 бајки. Некогашното живеалиште на таа сопруга на шивач се наоѓа во квартот на бајките во градот Касел.

Недалеку од Касел се наоѓа Забабург, таканаречениот замок на Трнорушка, среде во Рајнхардовата шума. Овој предел ги маѓепса браќата Грим. Во замокот никогаш не живеела некоја принцеза, но туристи можат да преноќат. Шефот на хотелот лично им ја претставува чудесната околина, опишана во бајките на Грим. Шетајќи се, имаш чувство како сега да ќе дојде Црвенкапа и ќе бере цвеќиња.

Бајките и’ даваат крилја на фантазијата, тоа го знаеја Јакоб и Вилхелм Грим уште пред 200 години.