1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

По Сочи, хомосексуални спортски игри во Москва

Кратко по ЗОИ во Сочи, во Москва би требало да започне првата хомосексуална спортска манифестација во Русија. Преку натпревари и семинари, спортистите-хомосексуалци во Русија сакаат да ѝ се спротивстават на хомофобијата.

Здруженијата на хомосексуални спортисти не се ништо ново и невообичаено во голем дел од светот. Меѓутоа во Русија тие и натаму опстојуваат во полуилегала. Со организирањето на спортски игри во Москва хомосексуалните спортисти сега сакаат да излезат од сенката. На крајот на деведесеттите години во Санкт Петерсбург беше основано првото здружение на спортистки-лезбејки. Нивниот пример го следеа и други спортистки ширум Русија. Така, главно во поголемите градски центри во Русија, како Москва и Санкт Петерсбург беа основани одбојкарски, кошаркарски клубови и клубови за танцување, чии членки отворено се изјаснуваа како лезбејки. Но нивното делување беше и остана полулегално. Тренинзите често се одвиваат во оддалечени спортски сали, понекогаш среде ноќ. Поради страв од јавноста, клубовите на хомосексуалните спортистки и спортисти во рамките на Русија долга низа години не беа меѓусебно поврзани.

Вмрежување во странство

Натпреварите на руските спортисти хомосексуалци главно се одвиваа на турнири во странство. Пресудно за движењето беше учеството на Геј Гејмс во германскиот град Келн, во 2010. година. „После овие игри полни со самодоверба се вративме во Русија и основавме руска ЛГБТ спортска федерација“, вели натпреварувачот во уметничко лизгање Константин Јаблоцки. Оттогаш оваа организација организираше преку 50 турнири и брои преку 900 членови. ЛГБТ спортската федерација е уредно регистрирана, но од државата не прима никаква помош, како што е случајот со останатите спортски здруженија, туку живее од донации од странство. Меѓу донаторите се и неколку хомосексуални руски олимпијци, кои се разбира сакаат да останат анономни.

Поголема солидарност

Но сега се подготвува конечно излегување од анонимноста. На крајот на февруари, веднаш по затворањето на Зимските олимписки игри во Сочи, во Москва би требало да се одржат таканаречените Отворени игри 2014 (Open Games 2014), со учество на преку 500 хомосексуални спортисти во дисциплините футсал, кошарка, бадминтон, пинг-понг и одбојка. „Она што сакаме да го постигнеме е повеќе солидарност', вели Јаблоцки. Но сѐ уште ништо не е сигурно. По заострувањето на законите против хомосексуалците во Русија, властите во секој момент можат да го попречат или оневозможат одржувањето на Отворените игри. Но скептичноста кон хомосексуалните спортисти не запира на границите на Русија. Лизгачот Јаблоцки, кој инаку настапува во двојка со една партнерка, во иднина би сакал да настапи со партнер. Меѓутоа, Меѓународната унија на лизгачи (ИСУ) се спротивставува на истополни двојки во уметничко лизгање.

Gay Games 2010

Претпазлива поддршка

Она што Јаблоцки и неговите соработници сакаат да го постигнат со одржувањето на Open Games во Москва е ширење на разбирање и разбивање на предрасудите кон хомосексуалците. Според некои истражувања, 35 насто од граѓаните на Русија хомосексуалноста ја сметаат за болест. Но се поставува прашањето како организаторите на Отворените игри планираат без проблеми да одржат спортски игри на хомосексуалци, кога веќе и самото истакнување на знамето или носењето значка во боите на виножитото (симболот на хомосексуалците) може со себе да повлече казнена постапка во Русија. „Мораме да бидеме претпазливи и да се потрудиме никој да не се почувствува испровоциран“, вели учесничката на Отворените игри, танчерката Александра Чекалина. За секој случај, организаторите ангажирале заштита од агенции за обезбедување во случај на провокации.

Константин Јаблоцки во Сочи претпазливо се обидува да придобие симпатии за Отворените игри. Досега во пресрет му излегле само неколку олимпијци, кои се подготвени отворено да се заложат за игрите на ЛГБТ-заедницата во Русија.