1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

По смртта во татковината

Многу мигранти во Германија, дури и ако во земјата живеат со децении, сакаат по смртта да бидат закопани во татковината. Притоа, покрај копнежот по татковината, улога играат и други причини.

Копнежот на многу мигранти по татковината е бизнис на Радиша Михајловиќ Дрнда. Тој заработува пари од пренос на мртвите од странство. Неговата фирма „Дрнда Интернационал“, со седиште во Пожаревац, е едно од најголемите погребални претпријатија во земјите кои беа дел од поранешна Југославија. Тој проценува дека четири петтини од мигрантите сакаат да го најдат својот вечен мир во старата татковина. Особено голем дел од нив се родени во поранешна Југославија, а подоцна живееле во Германија. „Потомците ги закопуваат родителите или бабите и дедовците во Германија само ако тие не рекле категорично дека сакаат да бидат погребани во татковината“, вели Михајловиќ во разговор за Дојче веле.

Никој не знае колку мигранти сакаат по својата смрт да ја напуштат Германија. Таканаречените пасоши за пренос на телата на починатите, кои се неопходни за мртвите да бидат пренесени преку граница, се издаваат на општинско ниво. На барањето на Дојче веле доставено до Сојузниот завод за статистика, како и до повеќе сојузни и покраински министерства, не се добиени конкретни податоци, со оглед на тоа што податоците за пасоши за пренос на тела не се собираат централно. Фабијан Шааф-Мехта од bestattungen.de, најголемиот германски споредбен портал за погреби, проценува дека годишно од Германија во странство се пренесуваат телата на 30 до 40 илјади починати лица.

Погреб без ковчег

„Многу луѓе во Германија живееле 20 или дури и 40 години, но по правило овде не е целата фамилија“, вели Шааф-Мехта. „Затоа тие повеќе сакаат да бидат закопани во татковината“, оценува тој.

Освен тоа, како што нагласува Хишем ел-Фунти од диселдорфското претпријатие Ислам-Погреби, многу луѓе сакаат да си се вратат на корените: „Тоа ја покажува големата поврзаност со татковината. Човек сака да е закопан таму каде што му се закопани и претците.“

Köln Westfriedhof Islamisches Grab

Муслимански гроб на Западните гробишта во Келн

Кога станува збор за муслиманите, копнежот не е и единствената причина за напуштање на Германија за вечност: „Според правилата на исламот, гробот мора да е во насока кон Мека. Тоа во Германија не секогаш е случај“, објаснува Ел Фунти. Особено тешко во Германија е спроведување погреб според муслиманските обичаи - без ковчег. „За закоп без ковчег мора да се извадат многу документи. Има и многу гробишта каде ковчегот е задолжителен.“

Според наводите на Министерството за здравство, еманципација, нега и стари лица на покраината Северна Рајна Вестфалија, законот за закопи во Германија не предвидува обврска за закоп во ковчег. Според Министерството, „на различни гробишта може да се вршат погреби согласно муслиманските обичаи, но не секој управител на гробишта им ја става на муслиманите на располагање ваквата можност“.

Високи трошоци

Само во Северна Рајна Вестфалија има меѓу 6000 и 8000 гробишта и сите имаат свои правила и свои цени, кои се многу различни. Временски ограничено користење на гробот во Германија чини од нешто помалку од илјада до пет илјади евра. Притоа, по 20 години користење, семејството мора да плати за продолжување на правото на користење на гробот. „Колку и да звучи неверојатно, често е многу поевтино починатиот да се транспортира во татковината и таму да биде погребан“, вели Ел Фунти.

Drnda International Bestattungsunternehmen in Serbien

Централата на „Дрнда Интернационал“ во Пожаревац

Транспортот на едно тело, кај „Дрнда Интернационал“ чини едно евро по километар. „Значи треба да се платат 1500 евра ако местото каде што починало лицето е оддалечено 1500 километри од местото каде што ќе биде закопано“, објаснува Михајловиќ. За поголеми растојанија, поповолен е авионски транспорт. Хишам ел-Фунти вели дека транспорт на ковчег во делот за багаж во еден патнички авион, во основа чини двојно повеќе од нормален билет во економи-класа.

Кај луѓето кои припаѓаат на други религии и имаат поинакви ритуали, често е поевтино. „Според хиндуистичките обичаи пепелта на мртвиот треба да биде расфрлана во света река“, објаснува Шааф-Мехта. Кремирањето се прави во Германија, а пепелта потоа се носи на реката Ганг во Индија. „Треба само да се транспортира урната. Семејството најчесто ја земаат во рачен багаж при летање со авион или ја испраќаат по пошта“, вели Шааф-Мехта. Конечно, хиндусите во Германија немаат света река, а и расфрлање на пепелта на мртов човек е казниво.