1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

По скандалот со месо, проблеми со јајцата

Можеби ова се случува поради скандалот со коњско месо, можеби бидејќи се наближува Велигден. Во секој случај, политичарите во Германија сакаат добро да го испитаат случајот со лажно декларирани био-јајца.

За работата на биолошките претпријатија не недостасуваат правила, тие се „многу строги“, изјави министерката за земјоделство Илзе Ајгнер. Меѓутоа, строги правила не користат ништо, доколку „одговорните контролни власти на сојузните покраини“, недоволно ги надгледуваат овие закони, рече Ајгнер во Брисел на маргините на средбата на ЕУ министрите за земјоделство во Брисел. Оваа оценка ја споделува и поранешната министерка за земјоделство, политичарката од редовите на партијата на Зелените Ренате Кинаст. За утринскиот магазин на првата програма на германската телевизија (АРД), Кинаст изјави: „Тие не ги пребројуваат животните, и тоа како при државната контрола на покраинско ниво, така и еко - контролните места, и тука мораме да направиме промени. Мора да најдеме пат да броиме“.

Консеквенции за земјоделците кои манипулирале

Исто така, во утринскиот магазин на првата програма на германската телевизија покраинскиот министер за земјоделство од Долна Саксонија, Кристијан Мајер изјави дека откриените фарми мора да сметаат со консеквенции. Ќе биде проверено дали на тие фарми може да им биде одземена лиценцата, изјави Мајер.

Според Мајер, погодени биле претежно конвенционални фарми, но и некои био-фарми. Министерот за земјоделство и политичарката од партијата на Зелените Кинаст бараат, доколку истрагата покаже дека биолошки и конвенционални фарми нивните кокошки ги чувале недозволено на тесен простор, тогаш да се објават имињата. „Мислам дека тоа треба да се направи за оние кои добро работат, другите треба да се наведат со име“, вели Кинаст.

Deutschland Landwirtschaft Tierhaltung Freilaufende Hühner

Помалку место за кокошките отколку што е пропишано?

Државното обвинителство води истрага

Според еден извештај на неделникот „Шпигел“, државното обвинителство уште од 2011 година води истрага против во меѓувреме околу 200 фарми во Долна Саксонија, Северна Рајна Вестфалија и Мекленбург Предна Померанија поради измама и прекршување на законот за прехранбени продукти и еколошко земјоделство. Исто така погодени биле и фирми во Белгија и во Холандија. Во фармите имало повеќе кокошки отколку што било дозволено.

Систематска измама со био-печатот

Во Германија во изминатите години постои можност земјоделците да продале милиони кокошкини јајаца лажно декларирани дека се био-јајца или јајца кои потекнуваат од кокошки кои се одгледувани под отворено небо. Според информациите од министерот за земјоделство на Долна Саксонија Мајер, погодени биле пред се’ конвенционалните фарми кои одгледуваата животни под отвoрeно небо и кои ги чувале кокошките на претесен простор. „Постои сомневање, дека станува збор за систематска измама. Тоа не е кавалерски деликт, туку измама на потрошувачите“, нагласи покраинскиот министер.

Покрај сето ова, Работната заедница за соодветно одгледување на животни во Штеле, во Долна Саксонија, соопшто дека некои фирми работеле со две сметки: со една со дозволениот број на кокошки за ветеринарните служби, и друга за финансиските органи. Оваа заедница ги повика надлежните власти да ги споредат податоците и да ги зајакнат контролите.