1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По „Сенди“ враќањето во секојдневието оди тешко

Жителите на источниот брег на САД се соочуваат со последиците од ураганот „Сенди“. На многу места нема струја и вода за пиење. Од Њујорк пристигнуваат добри вести за постепеното враќање во функција на јавниот превоз.

За да се редуцира огромниот метеж на улиците од изминатите денови, њујоршките подземни железници во еден дел почнаа повторно да функционираат. Онаму, каде што водата повеќе ја нема на шините, се движат возовите за да го растоварат јавниот сообраќај. Врската меѓу населбите Бруклин и Менхетн меѓутоа се’уште е во прекин, поради што се активирани дополнителни автобуси. Но, бидејќи тие се преполни, многумина пеш одат до работното место.

USA Wahlen Bloomberg unterstützt Obama

Градоначалникот Мајкл Блумберг

Градоначалникот Мајкл Блумберг нареди, автомобилите кои се движат кон Менхетен да превезуваат најмалку по тројца патници. Имено сообраќајот на улиците дополнително е отежнат и поради тоа што повеќето од тунелите се’уште се затворени. Трите големи аеродроми постепено почнуваат со работа. Повторно е отворена и њујоршката берза, а тргувањето со хартиите од вредност го овозможуваат агрегати за струја.

Училиштата во Њујорк оваа недела останаа затворени. Споменикот за жртвите од терористичките напади од 11 септември 2001 година е оштетен од поплавите. Енергетскиот концерн „Шел“ потврди дека бурата оштетила најмалку две големи цистерни со дизел, од кои нафтата истекла во водите на Њујорк. Точната количина се’уште не е утврдена.

Повеќе од еден милион жители на метрополата и натаму се без струја. На целиот источен брег на САД преку шест милиони домаќинства и институции се отсечени од снабдувањето со струја. Покрај сојузната држава Њујорк, невремето силно ја погоди и соседната Њу Џерси. На многу места спасувачките екипи се’уште се борат против поплавите. Ураганот „Сенди“ во понеделникот предизвика огромни врнежи од дожд и снег во вкупно 15 американски држави.

Во меѓувреме, информациите за штетите предизвикаа бран за пружање помош во целиот свет. Во Америка голем број граѓани, претпријатија и познати личности донираа средства за погодените региони.

Бројот на жртвите од ураганот, според американските медиуми во меѓувреме се искачи на 88 лица. Вкупниот број на жртвите, кои ги однесе ураганот Сенди во САД, Канада и на Карибите, изнесува 160 лица. Според проценките ураганот нанаесе материјални штети до 50 милијарди долари.