1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По самитот на ЕУ: Американците се воздржани

Треба да се направи уште - Барак Обама реагира воздржано на реформските намери на ЕУ. Американскиот претседател очекува нови мерки. Тој веќе долго стравува дека европската криза може да влијае на неговиот реизбор.

default

САД ги поздравија резултатите од самитот на ЕУ како напредок. Портпаролот на кабинетот на американскиот претседател, Џим Карни, истовремено нагласи дека мора да се преземат и други мерки. Америка посакува паралелно со реформите договорени на самитот на Унијата во Брисел, уште и еврообврзници, како и порешителни постапки на ЕЦБ при купувањето обврзници од земјите во криза. Додека германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози зборуваат за должничка криза, од другата страна на Атлaнтикот се говори повеќе за „криза на порастот“. Порастот, со стриктна политика на штедење „а ла Меркел“ е тешко да се стимулира, се вели во САД.

„Вашингтон Пост“ коментира дека прашањето е - дали дилот на самитот на ЕУ може да ги убеди Германците и ЕЦБ да дејствуваат и да ја решат кризата. Сега со фискалната унија го добија она што го бараа, се вели во „Вашингтон Пост“ и се додава: „Сега ќе видиме дали некогаш имале намера да ја спасат еврозоната“.

Американскиот претседател Барак Обама, пак, како што коментира „Шпигел“, одамна не е загрижен само за еврозоната, туку стравува за својата функција. Ако Меркел и компанија не успеат, тоа ќе предизвика светска криза, поголема од онаа во 2008 година - тоа е стравувањето на луѓето околу Обама. Во такво околности шансите за реизбор на Обама во ноември 2012 година би биле минимални.

Portrait Barack Obama

Не е загрижен само за еврозоната, туку и за својот реизбор - Барак Обама

Републиканците сакаат да ја спречат американската влада со закон да учествува во финансиска помош на ММФ за евро-земјите во криза. Предлог-законот поднесен од 26-мина републикански сенатори претставен вчера (09.12), освен тоа, има за цел и да ја стопира кредитната линија за ММФ во висина од 80 милијарди евра, за која САД веќе постигнаа согласност. Сенаторот Том Кобарн изјави дека е „бескрупулозно и неморално“ парите од американските даночни обврзници да се влеваат во „надуените држави на благостостојба“ во Европа. Сепак, ваквиот предлог-закон има мали шанси, со оглед на тоа што републиканците немаат мнозинство во Сенатот, а и претседателот Обама има право да стави вето.

И додека политиката во Вашингтон очекува повеќе од ЕУ и тоа многу бргу, берзите вчера реагираа со олеснување - курсевите пораснаа, а и довербата на американските потрошувачи беше на највисокото ниво во последните шест месеци.

Автор: ЕМФ/ртр/шпигел/афп

Редактор: Б.Георгиевски