1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

По пучот на Тајланд – со тенкови кон демократија?!?

Може ли со тенкови да се поврати демократијата во оваа земја – се прашува Сибиле Голте во следниот коментар.

Водачот на хунтата, генерал Сонти Бунјараткалин

Водачот на хунтата, генерал Сонти Бунјараткалин

Воената хунта на Тајланд денеска најави дека ќе остане на власт само две недели. Водачот на пучот Сонти Бунјараткалин изјави дека до тогаш ќе се најде нов, преоден премиер, кој треба да ја води земјата до парламентарните избори најдоцна во октомври 2007-та. Тој појасни дека со пучот не се изменило ништо во надворешната политика на Тајланд. Досегашниот премиер Таксин Шинаватра во меѓувреме замина од Њујорк каде присуствуваше на Генералното собрание на ОН и замина за Лондон.

Мигот за изведување на пучот беше умешно одбран. Премиерот Таксин уживаше во сјајот меѓу најмоќните политичари на светот собрани на Генералното собрание на ОН. А повеќето граѓани на Тајланд веќе беа в кревет кога тенковите излегоа на улиците на Бангкок. Утрината се покажа дека тие не се волни со примена на сила да го бранат сменетиот премиер.

Тоа секако не е без причина, списокот гревови на Таксин кон принципите на демократијата е долг: на негова сметка одат насилните напади врз муслиманското малцинство на југот од Тајланд; опозицијата е речиси обесправена; премиерот во повеќе наврати јасно ја злоупотреби позицијата на моќ во полза на неговата стопанска империја. Тука треба да се бара и последната капка што веројатно ја прели чашата, имено тој издејствува ослободување од даночни обврски при продажбата на неговата компанија за телекомуникации за околу две милијарди долари и тоа на странци.

Неговото владеење ионака немаше повеќе демократска подлога најдоцна откако Врховниот суд на земјата на почетокот од летото ги прогласи за неважечки изборите што ги бојкотираше опозицијата. Тоа што Таксин сепак се врати на чело на владата и дури ги одложи новите избори претходно планирани за октомври годинава - само ја надополнува сликата.

Но, значи ли тоа дека сега со пучот повторно е се‘ во ред? Излегувањето на тенковите пред зградата на владата и преземањето на ТВ станиците, укинувањето на уставот – тоа не може да биде чекор во насока на демократија. Околу вистинската мотивација на генералите за изведувањето на пучот уште нема доволно јаснотија. Прашање е дали станува збор за нивните демократски уверувања и принципи или пак можеби за најавената смена во армискиот врв?

Како и да е, многу што сега зависи од однесувањето на стариот Крал Бхумибол. Тој годинава прослави 60-годишен јубилеј од доаѓањето на тронот и се смета за фактор на стабилност во државата. Тоа што пучистите на брзина на чело на воениот удар ставија еден генерал од доверба на Кралот и брзо ветија нови избори – тоа остава простор за надежи. Тајланд во секој случај мора под итно да се врати кон демократијата и нормалниот општествен живот. Ако поради ништо друго, тогаш за да не биде загрозен стопанскиот полет, што се создаде за времето на премиерот Таксин. Тоа беше додуша проследено со масовна корупција, но сепак од таквиот стопански полет профитираа голем број граѓани на Тајланд. Останува да се надеваме дека тенковите наскоро повторно ќе се вратат во касарните и дека ќе се одржат избори што на власта во Бангкок ќе и дадат демократски легитимитет. Зашто – ништо не ја загрозува толку демократијата, колку сиромаштијата и страдањето на населението – не само на Тајланд!