1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

По пресудата, Грција продолжува со блокади

По противење на Грција, извадена била една реченица од финалните заклучоци за Македонија на синоќешниот Совет на министри во Брисел, дознава Доче веле од дипломатски извори во Советот.

default

Нова грчка блокада со интервенции во финални заклучоци на Советот на министри

Не минаа ниту 24 часа од пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во која беше оценето дека Грција ја прекршила Времената спогодба со блокадата на македонското членство во НАТО, а грчките претставници веќе интервенирале со нова блокада на евроинтеграциите на Македонија, овојпат на синоќешниот (05.12) состанок на Советот на министри на ЕУ, во Брисел.

При претставувањето на формулациите за Македонија, Грција ја направила главната интервенција во текстот. Грчката делегација сакала да се избегне втората точка во заклучоците, во која имало реченица со која се предвидува минување на Македонија во втората фаза од имплементацијата на Договорот за стабилизација и асоцијација.

Akropolis Flagge EU

Грчката делегација во Советот на министри сметала дека втората точка од заклучоците за Македонија е негативна порака за Грција

„Врз основа на препораката од Комисијата, која заклучи дека земјата е подготвена да ги исполни обврските кои произлегуваат од минувањето во втората фаза од имплементацијата на Договорот за стабилизација и асоцијација, Советот ја потврдува својата подготвеност да одлучи за таквото минување во најраната можна прилика“, стоело во првичните заклучоци за Македонија.

Позитивна порака за Македонија, негативна за Грција

Грчката делегација ваквиот јазик го сметала за високо политички и реагирала дека тоа ќе биде погрешна политика во време кога Македонија интензивирала негативна реторика, информираат дипломатски извори од Советот, кои присуствувале на состанокот на министрите. Грчките претставници сметале дека со таква формулација Советот ќе прател позитивна порака до Македонија. По реакцијата дека оваа реченица би била негативен знак за Грција, останатите министри не дебатирале на таа тема.

Од Советот објаснуваат дека поради едногласноста потребна при гласањето, кога некоја земја реагира на содржината на некој текст, не се отвора дебата и останатите го прифаќаат тоа. Кога некоја земја сфаќа како несоодветни некои формулации, тогаш и Советот смета дека тоа не е во ред, објаснуваат од Брисел. Затоа и нема промена во одлуката да не се отворат преговори со Македонија, а прашањето за датумот за преговори да се префрли на следното претседателство – данското.

Belgrad Serbien Stefan Füle Igman Initiative NO FLASH

Еврокомесарот Штефан Филе порачува дека нема краток пат за затворање на спорот за името

Претседателството со ЕУ ќе ги проучува последиците од одлуката на Судот во Хаг

На состанокот не се дебатирало за пресудата на Меѓународниот суд на правдата. По него, на прес- конференција шефот на полската дипломатија, Миколај Довгјелевич изјави дека Советот немал време да ја проучи пресудата и да направи политичка евалуација, но дека тоа ќе се стори, за да се види какви последици таа би можела да предизвика.

„За претседателството можам да ви кажам една работа - ние секако ќе ја проучиме оваа пресуда и ќе направиме проценка какви последици може да има за разговорите во ЕУ за кандидатскиот статус и иднината на односите меѓу ЕУ и ФИРОМ“, изјави Миколај Довгјелевич.

Еврокомесарот Штефан Филе рече дека ЕУ ја почитува примената на меѓународното право, но прати и порака дека нема краток пат за затворање на спорот за името.

„По пресудата на судот е очигледно дека нема краток пат за решавање на прашањето за името, но многу се надевам дека самата пресуда ќе се користи од Скопје и Атина како поттик за удвојување на напорите за решавање на ова прашање, за да може и Европскиот совет да се справи со ова прашање што е можно поскоро“, изјави еврокомесарот Филе.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM