1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

По патот на виното во Јужен Тирол

Регионот на Јужен Тирол во северна Италија нуди интересна туристичка атракција, посебно за љубителите на вино - тоа е тамошниот „вински пат“. Од март годинава во Јужен Тирол е воведен и „вински пасош“.

Во Јужен Тирол - лозови стебла до недоглед, кои му даваат белег на пејзажот околу главниот град Болцано. Кај винарите може да се проба и домашно вино.

„Срдечно ве поздравувам овде, на имотот Гризбауер во Ренч крај Болцано. Денеска ќе го пробаме виното Лаграјн, прво актуелното, а потоа Лаграјн Ризерва. Ризерва е од бербата во 2010. година додека актуелниот Лаграјн е од 2012. година“, вели винарот Маргарет Мумелтер.

За нив денеска ова е првата проба. Меѓутоа, на тројцата љубители на вино - еден наставник, воспитувачка во детска градинка и дизајнер на накит, им претстојат уште многу доживувања.

Тие, имено, ги реализираат понудите од таканаречениот „вински пасош“, со важност од три или седум дена и со цена од 35 односно 40 евра. Тој им ги отвора вратите кај винарите во цел Јужен Тирол. Улрике Платер појаснува:

„Тоа е карта за нашите гости, со која можат со водич да посетуваат винарски визби, да пробаат вино или да разгледуваат лозја - сето тоа комбинирано со јужнотиролска мобилност со јавните превозни средства. Гостинот може да оди со автобус од една до друга винарска визба, без да си направи проблеми поради испиениот алкохол.“

Со винскиот пасош може да се доживеат многу нешта долж винскиот пат. „Калтерер зе“ е еден од најпознатите лозарски региони, омилена цел за излет или одмор. Винаријата Клостерхоф нуди прошетка со водич низ лозјата, која може да трае и до два часа. Гостите ги води Ханес Андергасен. „Во винскиот пасош секако спаѓа и посета на лозје. Сега сме во класичен насад на Фернач, автохтона јужнотиролска сорта лоза за црвено вино. Таа добива име според тоа каде е засадена. Така овде, во Калтерн, таа е 'Калтерер зе'. Сега одиме во визбата да се напиеме една чаша...“

Овде сѐ се дознава - од засадување на лозницата, до сортите вино. „Веќе со првата голтка в уста се забележува: виното има сосем фин мирис. Убави ароми од бадеми, исто така арома на љубичици, кои се типични за Калтерер зе“, дополнува Андергасен.

Време е за ручек. Повторно со вино, но само малку, оти претстои уште една дегустација.

„Мора малку и да се поштедиш, оти ако седум дена постојано пиеш вино, тоа може да има и последици. Но, може насекаде по малку да се пробува и тогаш е во ред“, вели дизајнерот на накит Вернер Франк.

Долж винскиот пат се распослани 16 села, меѓу нив и Трамин, едно од најубавите, место кое му го даде името на едно посебно вино: светски познатиот траминец. Во околината на Трамин винарите се здружија во задруга. Пред три години таа се всели во оваа зграда од челик, стакло и дрво. Многумина посетители доаѓаат тука само за да му се восхитуваат на објектот.

Винотеката нуди панорамски поглед врз пејзажот од лозја во Трамин. Овде Филип Синчич, сомелие, се грижи околу гостите. „Денес, 2013, броиме речиси 300 членови од оваа област од речиси четири општини. Овде ја имаме една од трите автохтони сорти винова лоза на Јужен Тирол, тоа е траминецот. Дали Ви се допаѓа вкусот? Да, многу интензивно, вино за пробирливи. Ние овде во Трамин велиме, тоа е речиси вино за медитација“.

Објектот користи сончева енергија, подземни води ја ладат визбата со дабови буриња. Модерно претпријатие во пејзаж со повеќе од 1000-годишна култура на производство на вино. Една од многуте работи кои можат да се откријат со винскиот пасош.