1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По нападот, Берлускони во болница

Италијанскиот премиер Силвио Берлускони вчера вечер заврши во болница, откако беше нападнат за време на политичка манифестација во Милано. Напаѓачот, кој наводно имал ментални проблеми, беше уапсен од полицијата.

default

Премиерот на Италија, Силвио Берлсукони

Она што требаше да биде говор пред неговите сограѓани од родниот Милано, заврши со скршен нос и два заба. Италијанскиот премиер, 73 годишниот Силвио Берлускони вчера вечерта мораше итно да биде пренесен в болница, откако еден 42-годишен учесник на манифестацијата го удри со метална минијатура на Миланската катедрала. Инцидентот се случи додека Берлускони се поздравуваше со приврзаници на својата партија во Милано, непосредно по одржувањето на говорот.

„Добро сум“, рекол Берлускони откако излегол од собата за итна медицинска нега, пренесува агенција АНСА. Докторите сметаат дека нема да има потреба од операција, но тој сепак ја помина ноќта во болница, поради следење на неговата состојба.

Напаѓачот, 42 годишниот Масимо Тартаља, веќе десет години страдал од психички пореметувања. Во полициската станица бил повикан и неговиот долгогодишен психотерапевт.

Berlusconi mit Gegenstand verletzt

Италијанскиот премиер повреден во Милано

Портпаролот на премиерот, Паоло Бонаиути, беше меѓу оние кои го однесоа Берлускони в болница. Тој подоцна изјави дека нападот бил резултат на „тензиите“ во земјата, предизвикани од постојаните критики кон премиерот од страна на опозицијата.

Лидерот на партијата Лега норд, пак, Умберто Боси, го оцени нападот врз Берлускони како „терористички чин“.

Претседателот на Италија, Џорџо Наполитано, остро го осуди нападот врз италијанскиот премиер, кому ова му е трет мандат на чело на италијанската влада. Берлускони годинава поминува низ доста тежок период, поради постојаните обвинувања за корупција и врски со италијанската мафија, кои тој ги демантира.

На почетокот од годината во јавноста уште еднаш излегоа и неговите секс-скандали, по што неговата сопруга Вероника Ларио се разведе од него.

Инаку, ова не е првпат Берлускони да биде жртва на напад. Пред неколку години во Рим, Берлускони беше повреден од млад човек кој врз него фрли статив за фотоапарат при што му беше повреден вратот.

Aвтор: ТТ/ГЧ/афп

Редактор: Александра Трајковска