1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

По кризата е пред новата криза

Финансиската и економска криза го доведе пред колапс светското стопанство и сега, кога таа е надмината, во фокусот се последиците што ги остави. Тоа е тема во Давос, Швајцарија, на Светскиот економски форум.

default

Форумот годинава целосно е под знакот на глобалната финансиска криза. Светот уште не излезе на крај со сегашната, а професори по економија и банкари во Давос дебатираат за „наредната глобална криза“ - таа, според Кенет Рогоф, професор од универзитетот Харвард, веќе стои пред порта.

„Владите гарантираа се’, потрошија неверојатно многу пари - добро, сега навистина немаме голема депресија, но долговите експлодираа и тоа ќе води кон политичка криза. Даноците мора да бидат зголемени, ќе има ужасни мерки на штедење“.

Тоа пред се’ ќе ги погоди САД и Европа, вели Рогоф.

Земјите во подем се нови индустриски држави

Последната криза доведе до една фундаментална промена: додека порано од кризите посебно многу страдаа економиите на земјите во развој, како и на државите во подем, овој пат е обратно. Државите во подем не‘ вадат нас од мизеријата, вели Рагурам Раџан, професор по финансии од универзитетот во Чикаго.

Schweiz Davos Weltwirtschaftsforum Tagungsort

„Порано државите во подем беа вака опишувани: презадолжени влади, финансиска политика што тапка в место, страв од пазарот и сомнителен приватен сектор. Мислам дека тој опис денес повеќе одговара за индустриските држави. Може и да се каже дека земјите во подем се новите индустриски држави“.

Плановите на Обама дури не се доволно радикални?

Втора тема за која се дискутира од самиот почеток на Светскиот економски форум е во врска со Барак Обама.

„Ако тие луѓе сакаат борба - подготвен сум за тоа“.

Минатата недела американскиот претседател им објави војна на шефовите од финансиската индустрија. Толку далекусежни планови досега нема ниедна друга држава - Обама сака за банките вносните, но исто така и ризични инвестирања да им ги стави ним на товар, како и во иднина да нема толку големи банки, што не би можело да се дозволи да пропаднат.

Идеите на Обама наидуваат на различни реакции во Давос. Јозеф Акерман, шеф на Дојче Банк, разбирливо не е воодушевен.

„Имаме глобален трговски систем, глобален производствен систем, поради тоа ни треба и глобален банкарски систем. Ако има само уште мали, разбиени играчи, стопанството нема долгорочно да профитира од тоа“.

Schweiz Davos Weltwirtschaftsforum Josef Ackermann

Јозеф Акерман

Многумина професори по економија се на поинакво мислење. За Нуриел Рубини, кој уште во 2006 година ја предвиде кризата, плановите на Обама дури не се доволно радикални:

„Ако финансиските институти се преголеми за да се дозволи да пропаднат, тогаш едноставно се само преголеми и мора да се разбијат. Мора повторно сосем јасно да се раликува меѓу инвестициони и деловни банки. Реформите на Обама се во вистинска насока, само мора да одат уште понатаму, за да се создаде стабилен финансиски систем“.

Заеднички или поединечно

Плановите на Обама се „жешка“ тема во Давос и затоа што тој ги обелодени без претходни консултации со европските колеги, иако шефовите на држави или на влади на многубројни самити за финасиската криза се договорија на заедничко постапување.

„Копенхаген и многу други самити во 2009 ни покажаа дека сегашниот систем на глобална соработка не функционира вистински“, оцени Клаус Шваб, домаќин на Светскиот економски форум.

Во наредните денови во Давос ќе се разговара и за тоа како може да биде подобрена таа соработка и кои нови институции се нужни.

Автор: Манфред Гецке/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска