1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

По изборите остануват дилемите

Партиите на Албанците во Македонија, ДУИ и ДПА, исклучуват соработка. Премиерот и лидерот на победничката партија на изборите, Никола Груевски сеуште не се изјаснува која од овие две партии ќе ја земе во идната влада

default

Дали прегласувањето ќе донесе појасна ситуација?

Лидерите на ДУИ и на ДПА исклучија заеднички да влезат во новата македонска влада. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи има две клучни барања до лидерот на победничката партија ВМРО ДПМНЕ и актуелен премиер Никола Груевски за да влезе во идниот кабинет: признавање на Косово и компромис со Грција околу името што ќе значи членство во НАТО. Оваа изјава Тачи ја даде во емисија на Топ Ченел, во која Груевски ги обвини партиите од албанскиот блок за изборните инциденти, со што предизвикаа најголема штета за Македонија. Груевски тактизира околу изборот на коалиционен партнер меѓу двете партии на македонските Албанци, но за првпат не исклучи јавно можност за соработка со ДУИ, иако пред изборите за свој партнер ја најави ДПА.

Протести на ДУИ

Десетина илјади симпатизери на ДУИ протестираа синоќа мирно на шестогодишнината од трансформацијата на поранешната ОНА во политичка партија која беше и во власт и во опозиција.

ДУИ е незадоволна поради, како што тврди, нелегитимните избори и насилништвото во кампањата и на денот на гласањето на предвремените парламентарни избори.

ДИК сеуште разгледува приговори

Државната изборна комисија во Македонија поради нерегуларности поништи изборни резултати од одржаните парламентарни избори (01.06.2008) на неколку избирачки места. Меѓу нив и во Чаир, Кичевско и Гостивар, каде победник е ДУИ, а по приговорот кој го поднесе ДПА. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи се закани дека ако ова не се случи, нема да ги признае за легитимни последните изборни резултати. Сеуште се расправа дали ќе се прегласува и во Сарај и Тетово, на што инсистира пак ДУИ.