1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По изборите во Србија нов модел на комуникација со Косово?

Србија се наоѓа во најтешка економска и социјална криза од крајот на војните на Балканот. До неодамна најважната тема, статусот на Косово, во предизборната кампања изгуби во значење.

Тешката економска состојба е една од темите за која најмногу се говореше во предизборната кампања во Србија. Тоа беше причина зошто проевропските партии, кои ветуваа заживување на стопанството, освоија 80 насто од гласовите. Косово очигледно никого не го интересираше. „Прилагодување на реалноста на Косово“, вели Душан Рељиќ аналитичар на германската Фондација за наука и политика.

„Повеќето партии во Србија сватија дека просторот на дејствување е ограничен пред се’ поради позициите на САД и клучните земји од ЕУ, како што се Германија, Велика Британија или Франција“, вели Рељиќ.

Тоа не значи дека темата Косово ја снема од српската политичка сцена. Од стабилноста и од безбедносната ситуација на лице место делумно ќе зависи дали Косово повторно ќе стане главна тема во српската политика.

Ослободување од застарените погледи

Косовската влада го поздрави оддржувањето на изборите на северот на Косово и наведе дека тие биле успешни. За неа беше важно тоа што изборите не беа официјални српски локални избори на Косово и што тамошните Срби овојпат де факто беа третирани како дијаспора. Тоа е нешто сосем ново. Затоа косовскиот аналитичар Батон Хаџиу верува дека овие избори ќе водат кон нов српски концепт спрема Косово“. Тој вели дека „избирачите го наградиле европскиот концепт на Србија спрема Косово“. Поради тоа толку проевропски партии влегле во српскиот парламент. Тоа е награда и за претседателот Борис Тадиќ, кој сега има шанса да ја ослободи Србија од застарените погледи кон Косово“, вели Хаџиу.

Душан Рељиќ од друга страна не верува дека ќе дојде до нова стратегија на Србија кон Косово. „ Белград во никој случај нема да го признае Косово како држава“, вели Рељиќ и додава дека од Белград не може да се очекуваат нови предлози за решавање на косовското прашање. „Белград во моментов е во дефанзивна улога кога станува збор за косовското прашање“, вели Рељиќ.

Батон Хаџиу е поголем оптимист. Тој очекува Србија да започне нов модел на комуникација со Приштина. „Тоа значи дека може да дојде до дијалог и решавање на проблемите на северот на Косово“, вели Хаџиу.

Потрага по решение

Во моментов никој не знае како треба да изгледа тоа решение. Опција која често се спомнува е можната поделба на Косово. Србите кои живеат на северот не ја признаваат независноста на Косово и сакаат приклучување кон „матицата“ Србија.

Душан Рељиќ вели дека поделбата на Косово е нереална бидејќи во уставот на Србија е наведено дека Косово е нераздвоен дел од територијата на Србија. Тој вели дека и во меѓународната заедница има противници на таа идеја , пред се’ САД и ЕУ, кои стравуваат дека тоа би можело да има негативни последици за соседните земји како што се БиХ или Македонија. Се размислува и за тоа Приштина и Белград да се договорат „де факто за граница која ќе го дели Косово“. Од наредните директни разговори меѓу Србија и Косово би можело да зависи каде таа ќе поминува. Рељиќ вели дека е најважно да се водат разговори за натамошна нормализација на ситуацијата на Косово.