1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По изборите во Зимбабве: ќе замине ли Мугабе по 28 години?

И четврт ден по изборите во Зимбабве се’ уште не се објавени конечните резултати. Во меѓувреме се проширија гласини дека Претседателот Роберт Мугабе е подготвен да го признае поразот и да се повлече од функцијата.

default

Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе

Од претставници на Владата и на опозицијата дојдоа деманти за какви и да е преговори за мирно преземање на власта.


„Нема никакви разговори“ – порача водачот на опозицијата Морган Цвангираи. Тој нагласи дека неговата партија нема да преговара за никаква спогодба се’ додека не бидат објавени официјалните резултати од изборите:


„МДЦ нема да прави никакви спогодби пред Изборната Комисија да ги објави резултатите. Тоа е правната позиција. Сакаме да знаеме кој победил на што пред да тврдиме нешто. Немаме право да тврдиме било што додека Комисијата не ги потврди резултатите. Иако ние знаеме на што сме победиле.„


Ваквиот релативно воздржан став на водачот на опозицијата Цвангираи е очигледен обид да не ја прегрее ионака напнатата атмосфера во Зимбабве.


Во меѓувреме американската влада побара од Изборната комисија во Хараре да ги објави резултатите од изборите на викендот. Народот очигледно се изјасни за промена, изјави портпаролот на американскиот Национален совет за безбедност Гордон Џондоу. Волјата на народот мора да се почитува.


И ЕУ побара од Роберт Мугабе да се повлече од власта. Во спротивно му се заканува државен удар, порача словенечкиот министер за надворешни работи Дмитри Рупел од име на претседавачот со ЕУ.