1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

По затишјето, протестите во Турција со нов замав

По фазата со релативен мир, продолжија борбите на турските улици. Смртта на едно 22-годишно момче во градот Антакија предизвика нови немири и во Истанбул и во Анкара. Набљудувачите очекуваат жешка есен.

Како и за време на немирите во јуни, турската полиција и на новиот бран протести одговори со прекумерна употреба на сила. Двете страни стојат едни спроти други со непомирливи ставови, се спори и околу причината за смртта на демонстрантот Ахмет Атакан на 9. септември во Антакија. Противниците на режимот тврдат дека тој загинал откако бил погоден од проектил со солзавец од полицијата. Властите, пак, тврдат дека тој паднал од кров.

Атакан беше шестиот демонстрант кој го загуби животот од почетокот на протестите во јуни. Меѓу загинатите е и еден полицаец. Новите протести одново го разгореа конфликтот. Во средата во Истанбул, судирите на полицијата и демонстрантите траеја до рано утрото.

Со почетокот на летните одмори кон крајот на јуни, протестите, кои почнаа поради планот на владата да гради згради во паркот Гези во Истанбул, речиси целосно замреа. Но, со почетокот на зимскиот семестар на факултетите, познавачите очекуваат жешка есен.

Во меѓувреме се намножија и причините за протестите. Незадоволните го обвинуваат премиерот Реџеп Таип Ердоган за авторитарни тенденции и непочитување на поинаквото мислење. Изградбата на автопат низ зелена зона во близина на Техничкиот универзитет во Анкара е причина за нови протести.

Тактика на „психолошка војна“

Владата останува на ставот дека зад протестите не стојат незадоволни граѓани, туку политички противници на Ердоган, кои се обидуваат преку притисок од улица да го урнат премиерот. Советникот на премиерот Мустафа Варанк преку Твитер обвини дека предводниците на протестите сакаат со лаги и со „тактика типична за психолошка војна“ да ја урнат легитимната власт.

Ваквите реакции говорат дека демонстрантите не можат да сметаат на некое поголемо разбирање од државата. Суха Јилмаз, член на еден протестантски форум од Истанбул, вели дека очекува нови судири.

„Сите очекуваа дека септември ќе биде жежок месец, и така и делува“, вели Јилмаз. Тој не препознава знаци на попуштање кај владата. „Тие повторно почнаа да убиваат луѓе. Не мрдаат ниту чекор назад“.

Erdogan PK Budapest 05.02.2013

Реџеп Таип Ердоган

Сѐ се смени по првите две недели

Но, и демонстрантите ќе мора да преземат дел од критиките. На последните протести во Истанбул, дел од нив фрлаа со молотови коктели врз полицијата. Насилството остава лош впечаток кај одредени симпатизери на протестното движење.

Сопственик на едно кафуле во Истанбул, кој според сопствено признание негува симпатии за барањата на демонстрантите за повеќе демократија и граѓански права, за ДВ раскажува како група млади насила влегле во неговиот локал и барале празни шишиња за да се пресметуваат со полицијата.

Во првите неколку недели од протестите во јуни, на улиците беа нормалните граѓани, но оттогаш има се повеќе радикали. „По првите две недели, сѐ се смени. Тоа не е добар знак за следните месеци“, проценува сопственикот на локалот, кој одбива да го каже своето име.