1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

По заканите со вето од сите страни , сепак договор!

По мачниот прв ден од самитот на ЕУ околу буџетот за наредните седум години, на маса беше ставен нов предлог. Според дипломатски извори, постигнат е договор за горната граница на буџетот 2014-2020. Деталите се „пеглаат“.

Претседателот на Советот на ЕУ Херман Ван Ромпој во текот на вчерашниот ден (07.02) неколку часа водеше разговори во мал круг и за денеска наутро свика повторна средба за да се разгледа компромисниот предлог и, како што Ромпој најави на Твитер, да се стигне „до дил“.

Според договореното, како што јавува агенцијата ДПА, буџетот ќе изнесува 960 милијарди евра, од што фактичките издатоци ќе бидат во висина од 908 милијарди, а останатиот дел се финансиски обврски. За деталите се‘ уште се преговара, се нагласува во Брисел Европската комисија бараше буџет тежок илјада милијарди евра, што од дел од државите беше оценето како премногу.

EU Haushaltsgipfel Van Rompuy und Barroso

Херман Ван Ромпој преговараше во мали рунди и свика нова средба за денеска изутрина во 06:30 часот и

Самитот во Брисел вчера почна со шест часа задоцнување, а првиот ден преговори во мали рунди беше прекинат некаде по полноќ. Германската канцеларка Ангела Меркел при пристигнувањето рече дека „ставовите многу се разликуваат“. Колку многу, стана јасно од изјавите на дел од шефовите на влади.

Франција мисли на своите селани

Францускиот претседател Франсоа Оланд ја повторуваше својата мантра „дека мора да се штеди, но не смее да се ослабне економијата“. Тој веднаш остави простор да се препознае дека не сака компромис по секоја цена. „Ако некој е неразумен, ќе се обидам да го вразумам, но само до една одредена граница.“ За него неразумни се сите кои „го забораваат земјоделството или го игнорираат порастот“. Француските селани профитираат особено од земјоделските субвенции, кои сочинуваат речиси половина од буџетот на ЕУ. Затоа Франција одбива кратење во тој дел.

Грција се надева на структурниот фонд

На страната на Оланд се поголемиот дел од сиромашните ЕУ-земји од југ и исток, но од други причини. Тие стравуваат пред се‘ од кратења на структурниот фонд со кој се дава поддршка на сиромашните региони на ЕУ. Грчкиот премиер Андонис Самарас тврди дека „буџетот во Грција се консолидира и се спроведуваат структурни реформи“. Сега е потребен пораст. Структурниот фонд на ЕУ се „гаранција за успех, како за Грција, така и за Европа“, вели Самарас.

EU Haushaltsgipfel Van Rompuy und Merkel

Ангела Меркел покажа подготвеност за компромис

На другата страна се дел од богатите земји на северот од ЕУ. Тие вршат притисок за штедење. Најголем заложник за тоа е британскиот премиер Дејвид Камерон. Тој во Брисел го повтори аргументот од ноември, кога не успеа првиот обид да се постигне договор за буџетот 2014-2020: „Искрено речено, ЕУ не треба да биде имуна на притисокот за штедење под кој се наоѓаме сите во Европа.“ Бројките мора да се намалат. „Ако тоа не се стори, нема да има договор“, рече Камерон. Тоа не беше и единствената закана со вето. Чешкиот премиер Петр Нечас бара „помал и помодерен европски буџет“ и смета дека првичниот предлог на ЕК не е фер кон неговата земја. „Подготвени сме да ставиме вето“, рече тој. И данската премиерка Хеле Торнинг Шмит и шведскиот премиер Фредерик Рајнфелд се заканија со вето доколку не се постигне договор за повисоки рабати за нивните земји на средствата што се плаќаат за ЕУ.

На групата на „штедачите“ и‘ припаѓа и германската канцеларка Ангела Меркел, но таа покажа подготвеност за компромис. „Со парите мора да се постапува внимателно, но мора да се биде и солидарен“, рече таа.