1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По заканите на Палестинците, израелските планови „под мраз“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги стопираше плановите за изградба на илјадници доселенички станови по протестите од страна на Палестинците, кои се заканија со прекин на мировните разговори.

По острите протести против планирана изградба на 20.000 нови доселенички станови во Западниот брег, Израел ги „замрзна“ плановите. Главниот палестински преговарач Саеб Ерекат денеска (13.11) ја повтори заканата со „ставање крај на мировните преговори“, доколку бидат спроведени израелските намери. Ерекат за палестинското радио рече дека се планира итна седница за најновиот развој на ситуацијата, во текот на денешниот ден, веднаш по враќањето на претседателот на Палестинците Махмуд Абас од Египет. Меѓу другото, ќе се разгледа можноста за обраќање до Советот за безбедност на ОН.

Вчеравечер, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави преиспитување на плановите за градба. Претходно, израелските медиуми јавија за планови за изградба на 20.000 станови во Западниот брег. Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека Министерството за градежништво ги објавило плановите без знаење на премиерот. Како што се тврди, објавените планови се само потенцијални планови за градба, а не проекти во актуелни фази на планирање.

Портпаролката на американското Министерство за надворешни работи, Џенифер Псаки, во Вашингтон вчеравечер рече дека САД се „најдлабоко загрижени“поради извештаите за градба. Министерот за надворешни работи Џон Кери минатата недела, за време на тридневната посредничка мисија на Блискиот Исток, невообичаено остро го критикуваше градењето доселенички населби од страна на Израел.