1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

По „арапската пролет“ - „американска есен“!?

Протестното движење „Окупирајте го Вол стрит“ се шири во повеќе американски градови. Станува збор за протест против растечкото зголемување на социјалните разлики и политичката обесправеност на мнозинството граѓани.

default

Млади демонстранти од движењето „Окупирајте го Вол стрит“

На еден плоштад во близината на Њујоршката берза упорно протестираат неколку стотици граѓани. Тие спијат во вреќи и веќе со денови, а некои и со недели опстојуваат во протестот.  „Во општеството се отвора растечки процеп меѓу 99-те проценти долу и едниот процент горе, кој граба се’ повеќе за себе, а не дава ништо за возврат“, порачува Кејти.

Нејзе и на се’ поголемиот број демонстранти им пречат многу работи во американското општество. Тие протестираат не само против грабежот на моќните и растечкото осиромашување на големото мнозинство Американци, туку и против корупцијата, војните што ги води светската супер сила и невработеноста. „Американскиот сон“, според кој секој вреден граѓанин може и добро да живее од сопствениот труд, речиси и не постои повеќе, тврдат тие. Владеачкото малцинство го измамило мнозинството, тврди и Кајли, кој има дваесетина години и подолго време е без работа.

USA New York Protest Occupy Wall Street

Поголема група демонстранти од движењето на викендот се обиде да го мине големиот мост Бруклин, при што интервенираше полицијата

„Протестираме против тоа лобистите и најбогатите во земјата да можат да одлучуваат повеќе од сите нас другите, од целиот народ. Политичкиот систем ништо не ни помага, изборите речиси и немаат никакво влијание. Не можеме да сториме ништо!“

Американците ретко протестираат

Ваквите протести се невообичаена појава во САД, каде луѓето многу поретко излегуваат на улица за да демонстрираат, отколку во Европа. А сега протестното движење се шири и на други американски градови, како Чикаго, Бостон, Питсбург и Лос Анџелес. На социјалната мрежа Фејсбук, движењето веќе има повеќе од 70.000 сипматизери.

Демонстрантите во Бостон извикуваат пароли како: „Не’ продадоа!“, „Капитализмот е организиран криминал!“ и сл. Еден од организаторите на движењето, Вен Џоунс, вели дека тоа се инспирирало од „арапската пролет“. „По арапската пролет би можела да дојде американска есен!“

Тој нагласува дека американскиот двопартиски систем се претворил во фарса, која не им служи на интересите на народот, туку на тенкиот слој моќни и богати.

USA New York Protest Occupy Wall Street

Група постари демонстранти предводат колона кон полициската станица во Бродвеј

А сите надежи да се положат во претседателот Барак Обама е исто неразумно, вели Вен Џоунс: „Слоганот никогаш не гласеше: да - тој може, туку секогаш, да - ние можеме!“

Нарушена социјална правда

Ова движење профитира од гневот на народот против пратениците во Конгресот, кои се занимаваат само со самите себе, наместо со интересите на оние кои ги избрале, како и од разочарувањето од првиот претседател со црна боја на кожата, кој успеа да ги спаси банките, но не успеа да ги спаси сограѓаните од растечката сиромаштија и невработеност.

Дури и анализите на ЦИА покажуваат дека САД се наоѓаат ниско на табелата што се однесува до социјалната правда. Тие котираат во групата земји како Уганда, Камерун и Брегот на слоновата коска. Не е ни чудо што гневот на населението расте и тоа не само кај црното и латино-американското малцинство, туку и кај средната класа Американци со бела боја на кожата. Од таа гледна точка најавената „американска есен“ по „арапската пролет“ би можела да биде навистина жешка.

Автор: Ралф Зина / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски