1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

По АКТА, КЕТА - што е следно?

Стотици илјади Европејци на интернет и на улиците протестираа против АКТА. Европскиот парламент го отфрли тој договор во јули. Сепак, интернет активистите се подготвуваат за борба против можните нови прописи.

„АКТА ја запревме со заеднички сили“, стои на веб страницата на здружението „Дигитално општество“. Лобито на интернет активистите собрани околу Маркус Бекедал, воедно главен уредник на порталот Netzpolitik.org, еден од најугледните германски блогови, отфрлувањето на спорниот антипиратски договор АКТА го доживува и како лична победа. Тој и неговата екипа со месеци делеа информативни материјали, организираа протести низ Германија и ги мобилизираа луѓето.

По отфрлувањето на договорот од страна на Европскиот парламент, противниците на АКТА повторно се повикуваат на отпор. На интернет кружат гласини за можени нови договори, кои би требале да ги штитат авторските права и јавната сигурност, но кои би можеле да ја загрозат слободата на интернет, па дури и да навлезат во приватноста на граѓаните. Некои од нив, како што е проектот ИНДЕКТ, веќе се во подготовка, па блогот Netzpolitik.org повика на протести.

Со ИНДЕКТ до орвеловска држава?

Мали протести против ИНДЕКТ се одржаа во саботата (28.07.) во Германија, Белгија, Австрија, Чешка и Франција. Се работи за меѓународен истражувачки проект за надзорните системи, а ЕУ го финансира со 11 милиони евра.

Проектот е стартуван во 2009-та година и со него треба да се развијат методи за предвидување масовни паники, но и злосторства. За таа цел би требал да се користи видео надзор и биометриски методи за распознавање на лицата, па дури можеби и беспилотни роботски летала. Со помош на овие технолошки направи би требало да се надгледува јавниот простор со цел пронаоѓање на впечатливите начини на однесување, кои не се одблиску дефиниранирани.

КЕТА е АКТА во ново руво?

Сомнителните лица на тој начин би били полесно да се препознаат, а податоците за нив, ако постојат, би можеле да се проверат во базата на податоци, а сето тоа како поддршка на државните тела за безбедност.

„Да не стоиме и да гледаме како ги одземаат нашите темелни права“, порачуваат членовите на движењето Анонимус во едно видео на Ју Тјуб.

А, повеќе АКТА, отколку ИНДЕКТ, има во канадско-европскиот трговски договор КЕТА, за кој зад затворени врати се расправа од 2009-та година. Канадскиот правен експерт Михаел Гајст објави дека во КЕТА можат да се најдат делови кои од збор до збор се препишани од АКТА. Германскиот експерт за авторско право Леонард Добуш вели дека само едно поглавје од КЕТА се занимава со интелектуалната сопственост. „Се зборува за користењето на интернетот и пристапот до личните податоци во случаите на кршење на авторските права“, објаснува тој.

ИПРЕД 2 за сега одложен

Упатствата на ЕУ наречени ИПРЕД, како и АКТА, се однесуваат на правата од интелектуална сопственост. Постоечките прописи би требало оваа година да се проверат и доработат. Но, најавената доработка би можела да потрае до 2013-та година, најверојатно поради тоа што на многу од европратениците по отфрлувањето на АКТА, веќе не им е сеедно.

Реформата на ИТР можна во декември

Реформата на ИТР, или Меѓународната регулатива за телекомуникации, би можела пред се’ да ја загрози неутралноста на мрежата. За тоа во декември во Дубаи ќе разговараат 193 членки на Меѓународната телекомуникациска унија, подорганизација на ОН. „Во Германија веќе постојат провајдери кои во одреден дел од денот ја намалуваат брзината на интернет врските“, забележува експертот за интелектуална сопственост Леонард Добуш и додава: „Корисниците стравуваат дека понудувачите на интернет услуги, како што е Дојче телеком, ќе одредуваат во иднина кои услуги и понуди ќе смеат да се користат“.

„Ниту правниците не се усогласени околу тоа што е противзаконско на интернет, а што не е. Како тогаш тоа може да се очекува од обичните корисници“, прашува Добуш. Според него решението лежи во европеизација на авторските права. Тој смета дека Европа треба да основа заеднички стручни служби, кои би се занимавале со заштита на најразличен вид на авторски содржини.