1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Почнува Форумот на ЕАПС

Првиот ден од Безбедносниот форум на Советот за евро - атланско партнерство во Охрид минува во знакот на билатерални политички разговори и досега невидени мерки на обезбедување во овој град.

default

Земјите членки на НАТО во Охрид

Делегациите пристигнуваат, градот е во еден вид вонредна состојба, оти мерките за обезбедување се ригидни, и Охриѓани како и туристите кои барем во овој поглед не го погодија најдобриот момент за престој во градот се соочени со многу пречки. Како ли ќе биде попладнево кога се очекува доаѓањето на главнината од делегациите?

Долго време пред наидувањето на службените колони полицијата го запира сообрќајот и доаѓа до големи застои. Од тоа не се изземени ни дел од службените возила во функција на Форумот ниту оние за превоз на новинарите иако се уредно обележани. Дури тие подлежат и на посебна контрола при влезот во комплексот Горица. Кој и да стои зад концептот на обезбедувањето на овој Форум на НАТО се чини дека малку претерал.

Безбедносниот концепт попречува проток на информации

Токму таквиот концепт на обезбедувањето попрпречува да се дојде до поподробни информации за средбите на маргините на собирот на НАТО и содржината на разговорите во нив. Едноставно делегациите се херметички изолирани, а во инаку добро опремениот прес центар во самиот хотелски комплекс каде ќе се оддржува Безбедносниот форум, има се’ освен најважното информации за случувањата внатре зад безбедносниот бедем.

Билатерални средби со генерал Ленс Смит

А таму досега генерал Ленс Смит, командант на Западното крило на НАТО им беше соговорник на претседателот, премиерот и на министерот за одбрана на Македонија на одвоени средби.

Министерот за одбрана Лазар Еленовски од разговорите пренесе „Ние разговаравме за целата досегашна соработка. Ја искажавме благодарноста за подршката што ни ја дава командантот, меѓутоа договаравме и одредени елементи за понатамошните воени реформи кои ја очекуваат македонската армија, бидејќи и трансформацијата е процес кој нема крај. Разговаравме за неколку аспекти, неколку полиња каде би можела да ни помогне командата за трансформација во понатамошната наша трансформација.“

Jaap de Hoop Scheffer

Генералниот секретар на НАТО Шефер пристигнува во Охрид

Премиерот Никола Груевски попладнево ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер кој треба да пристигне во Охрид.

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски во кратката изјава за медиумите во врска со Безбедносниот форум и неговото значење за Македонија рече

„Тоа за нас е голема шанса и да се претставиме себе си како држава сериозен кандидат за членство во НАТО. Но исто така и на НАТО како организатор на овој собир да му понудиме добри услови за дискусија кои имаат важност и регионално, но и на глобално ниво. Ова за Република Македонија е уште еден мал скромен придонесе во нашата апликација за добивање покана следната година на самитот во Букурешт“ рече Милошоски.