1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Почнува учебната година во Македонија

Новата учебна година во Македонија, за околу 210 илјади основци, од кои 20 илјади првачиња и за 90-тина илјади средношколци, официјално започнува денеска. Од оваа година се најавени повеќе новини.

default

Оваа учебна година почнува задолжителна дополнителна настава, школи за родители чии деца имаат слаб успех или непримерно однесување, електронски дневник и екстерно тестирање на децата за да се оцени објективноста на наставниците.

Измените на законите за основно и средно образование, имаат за цел да се подобри воспитната компонента и да обезбедат поактивно вклучување на родителите во образовниот процес на децата. Тие, на пример, ќе бидат повикани на советување или на т.н. родителски школи ако нивните деца имаат над три единици, 10 неоправдани или сто оправдани отсуства, ако се однесуваат неморално и асоцијално, учествуваат во тепачки или во други форми на насилство, ги навредуваат наставниците или ако имаат нагло влошен успех. Советувањето ќе го прават психолози и педагози. Ако родителот не одговори на поканата, ќе биде казнет со 200 евра, а ако не се одѕива на три покани по ред, ќе биде известен Центарот за социјална работа.

Вклученост на родителите ќе овозможи и воведувањето Е-дневник, што МОН веќе го имплементираше, а ќе биде задолжителен од новата учебна година. Со него родителот во секој момент ќе знае каков е успехот на неговото дете, дали присуствува на часовите и за содржините што ги усвојува. За неупотреба на електронскиот дневник ќе следуваат казни.

Есктерното тестирање, со кое ќе се вреднува објективноста на наставниците, од 2011/2012 ќе важи за сите училишта и ќе се спроведе во февруари за матурантите, а на крајот на мај за сите други ученици во основно и во средно образование.

Автор: СН/ЕМФ/макфакс

Редактор: Б. Георгиевски