1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Почнува судењето против Љубе Бошкоски

Во Скопје започнува судењето против претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, кој се товари за нелегално финансирање на изборната кампања за предвремените парламентарни избори во јуни годинава.

default

Љубе Бошкоски (архива)

Судењето против Љубе Бошкоски, лидерот на партијата Обединети за Македонија, започнува денеска. Бошкоски се товари за нелегално финансирање на изборната кампања на неговата партија во јунските предвремени парламентарни избори и за злоупотреба на службената положба. Осомничен е дека во неколку наврати од донатор примил пари за изборната кампања што не ги пријавил.

Полицијата го уапси Бошкоски на 6-ти јуни, ден по одржувањето на предвремените парламентарни избори.тврдејќи дека во неговото возило биле пронајдени 100.000 евра. Оттогаш Бошкоски, веќе три месеци се наоѓа во притвор во затворот во Шуто Оризари.

Група членови и симпатизери на Обединети за Македонија (ОМ) денеска се собраа пред Основниот суд Скопје 1, во знак на поддршка на нивниот лидер Љубе Бошковски. Партијата Обединети за Македонија инаку очекува ослободителна пресуда за претседателот на партијата, Бошкоски. Од Обединети за Македонија по апсењето на Бошкоски реагираа дека тој бил незаконски следен, со намера, како што велат од ОМ, да ја уништат партијата и да ги украдат гласовите. Сопартијците на Бошковски сега побараа фер и правично судење за нивниот лидер. „Веруваме дека овој пат до израз ќе дојде основното начело при носење судски пресуди: независноста на судската власт“, изјави Наталија Ивчева од Обединети за Македонија.

Во пресрет на почетокот на судењето, сопругата на Бошкоски, Виолета Бошкоска за Дојче веле изјави: „Љубе Бошкоски се чувствува добро и со нетрпение го очекува стартот на судскиот процес“.

Комисијата за надзор на мерките за следењето на комуникациите на почетокот на месецов побара информација од МВР за случајот со Љубе Бошкоски, неговото апсење и дали полицијата постапила согласно законот или пак, се работи за неовластено прислушување на политичар за време на изборна кампања.

Автор: АТ/ ГП/ ЖА/ макфакс

Редактор: Жана Ацеска