1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Почнува расправата за предлог буџетот за 2014-та

Во Комисијата за финансирање и буџет во македонскиот Парламент денеска (13.11) почнува расправата за предлог буџетот за 2014 година. Опозицијата поднесе 684 амандмани.

Државната каса за наредната година, според предлогот, ќе „тежи“ 176,5 милијарда денари. Приходите се планирани на 158 милијарди и 200 милиони, а буџетскиот дефицит, според проценките, треба да изнесува 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори. И на приходната и на расходната страна има зголемување за 7 проценти во однос на годинашниот буџет.

Буџетот е изготвен врз основа на проекција за раст на БДП за следната година од 3,2 проценти и инфлација од 3,3 проценти. Државниот долг во наредниот период, според Владата, ќе остане на умерено ниво и до 2016 не треба да надмине 37,6 проценти од БДП.

Опозицијата во Собранието поднесе 684 амандмани на предлог буџетот. Најмногу амандмани има од СДСМ - 316, НДП 178, ДПА 150, ПЕИ 33 и НСДП седум. Според измените во Деловникот за работа на Собранието, расправата за буџетот треба да трае 10 дена, од кои пет за амандманите и пет на пленарна седница.