1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почнува потрагата по нов германски претседател

Потрагата по нов претседател е во полн ек, неполни 24 часа по оставката на Кристијан Вулф. Канцеларката Меркел најави дека кандидатот ќе се бара низ консензус, но почетокот не е многу охрабрувачки.

Неколку часа по оставката на Кристијан Вулф, политичките партии во Германија веќе почнаа да лицитираат со наследниците- кого би поддржале, а кого не.

Водечките опозициски партии, со кои Ангела Меркел најави дека ќе се консултира, ставија јасно до знаење дека нема да прифатат ниту еден од кандидатите на владејачката коалиција. Притоа поставија и основни маркери.

„Доколку сакаме да постигнеме договор, тоа не смее да биде член на Владата“, соопшти Франк Валтер Штајнмајер, еден од лидерите на опозициските Социјалдемократи.

Во сличен тон аргументираше и парламентарниот лидер на Зелените, Јирген Тритин.

Deutschland Bundespräsident Kandidat Wolfgang Schäuble

Волфганг Шојбле

Засега, како главни кандидати се споменуваат актуелната министерка за труд Урсула Ван Дер Лајен и министерот за финансии Волфганг Шојбле, двајцата блиски соработници на Меркел и сопартијци од Христијанско-демократската унија-ЦДУ.

Шефот на пратеничкиот клуб на ЦДУ, Фолкер Каудер изјави дека владејачката коалиција, која има тесно мнозинство во Сојузната конвенција, тело составено од долниот и горниот дом на парламентот кое го избира шефот на државата, „нема да прифати уцени од опозицијата“. Мнозинството на ЦДУ, ЦСУ и Либералната партија во ова тело е само четири пратеници.

Опозицијата го предлага Гаук

Се очекува консултациите да започнат уште денеска, со најава дека е можно првиот кандидат на владиното мнозинство да им биде претставен на опозициските СПД и Зелените во текот на денов.

Од друга страна, СПД веќе го пушти низ медиумите името на Јоаким Гаук, протестантски свештеник и поранешен истакнат антикомунистички борец, кој меѓудругото беше и на чело на Комисијата која ги отвори архивите на Штази- тајната полиција на поранешна Источна Германија.

Deutschland Bundespräsident Kandidat Joachim Gauck

Јоаким Гаук

СПД и Зелените веќе го кандидираа Гаук за претседател и во 2010. година, но тогаш мнозинство освои фаворитот на Меркел, Кристијан Вулф.

Иако и другите помали опозициски партии, пред се’ Левицата, бараат вклучување во консултациите за избор на идниот претседател, Меркел досега ги покани единствено СПД и Зелените.

Сојузната конвенција треба да го избере новиот претседател до 18 март годинава, кога истекува законскиот рок од 30 дена.

Во меѓувреме, обвинителството во Хановер најави дека ја продолжува истрагата за незаконските активности на, сега веќе, поранешниот претседател Кристијан Вулф, и покрај тоа што тој вчера поднесе оставка. Вулф е осомничен дека примал подароци и услуги додека бил на функцијата претседател на Владата на покраината Долна Саксонија.

Автор: БГ/ројтерс/дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM