1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Почнува Канскиот филмски фестивал

Дваесет филмови ќе се натпреваруваат за годинашната Златна палма на меѓународниот филмски фестивал во Кан. Со жирито на 64-то издание на фестивалот, претседава прочуениот американски актер и режисер Роберт де Ниро.

default

Француската актерка Мелани Лоран ја има честа да биде домаќинка на 64. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Кан.

Вуди Ален, кој многу повеќе е славен во Европа отколку во САД ја има честа да го отвори годинашново вистинско патување околу светот, со неговиот најнов филм „Полноќ во Париз“, во кој во три сцени се појавува и француската прва дама Карла Бруни Саркози. Очекувана до последен момент, на големо разочарување на бројната публика пред легендарните скали на фестивалската палата, Карла Бруни, за која струјат гласини дека очекува бебе, се извини дека поради „лични и професионални причини“ нема да биде во Кан.

Исто како и нејзиниот сопруг, претседателот Никола Саркози, чиј лик и освојување на власта од негова страна е претставен во филмот „Ла Конкет“ (Освојување) на Ксавие Дуранже, кој ќе биде прикажан надвор од натпреварувачката селекција.

Стари познаници- кандидати за Златната палма

За годинашнава Златна палма ќе се натпреваруваат дваесет филмови, меѓу кои и се и многу стари познаници на фестивалската публика.

Flash-Galerie Cannes Filmfestival 2011

Тука е изненадување Педро Алмодовар со хорор филмот „Ла пиел ке хабито“, очекуваниот Ларс вон Триер со „Меланколиа“, „Браќата со велосипед“ на браќата Дарден, потоа Аки Курисмаки, Наоми Кавасе, Теренс Малик, Раду Михалеану или пак Нани Морети со филмот „Хабемус Папам“ со Мишел Пиколи убедлив во улога на папа.

Во официјалната селекција за Златната палма, Европа е застапена со две третини од филмовите, наспроти еден од САД, кои се присутни сепак на пазарот на филмот.

Се’ на се ќе бидат прикажани околу 80 филмови од кои 56 во официјалните селекции на фестивалот од вкупно 1700 понудени филмови.

Престижното жири со тешка задача

Жирито на фестивалот што ќе ја додели Златната палма, нема да има лесна работа. Во него меѓу другите се ноаѓаат францускиот режисер Оливие Асеас, актерките Ума Турман и Џад Лоу и писателката Лин Улман ќерка на големиот шведски режисер Ингмар Бергман и на актерката Лив Улман.

Cannes Filmfestival 2011

Славниот Роберт Де Ниро годинава ќе претседава со жирито во Кан

Тоа го признава и неговиот претседател Роберт де Ниро, чие претставување не е потребно.

„Нема да биде лесно, не знам кои се другите членови на жирито и треба да се компонира со нивните личности, нивното потекло, нивните мотивации. Потребно е да се најде патот за да можеме да го наградиме најдобриот филм. Некои филмови не треба да бидат ниту судени, ниту споредувани, тие можат да бидат исто така добри, но сепак треба да се избере. На фестивалите сепак постојат специјални награди, кои ќе ни дозволат да се извлечиме“, вели Роберт де Ниро.

Бертолучи и Белмондо со почесни палми

Меѓу најавените ѕвезди годинава се очекува Жан – Пол Белмондо на кого ќе му биде оддадена почит, а почесната палма му е доделена на италијанскиот режисер Бернардо Бертолучи за неговото целокупно творештво, во кое да потстетиме ги има реализирано меѓу другото и филмовите „Последното танго во Париз“ и „Конформист“.

emx QUIZ b belmondo 08.12.2005

Жан Пол Белмонд

Фестивалот годинава им одделува посебно место и на двата ирански филмски режисери Џафар Панахи и Мохамад Расулов, осудени на шест години затвор во нивната земја. Двајцата ги довршија нивните филмови во тајност и по споредни канали ги доставија до Кан. Филмот на Џафар Панахи „Ин Филм Нист“ (Ова не е филм) ќе биде претставен на специјална сеанса, додека филмот на Расулов „Бе Омид е Дидар“ (Збогум) во селекцијата „Извесен поглед“.

Македонија присутна на меѓународното филмско село

Земјите од регионот на Балканот се многу малку застапени во официјалната селекција, додека двократниот добитник на Златната палма, Емир Кустурица ќе претседава со жирито на селекцијата „Извесен поглед“. Македонија е најавено дека ќе учествува на меѓународното филмско село, во павилјонот на Југоисточна Европа, каде македонската вечер е предвидено да се одржи на 15 мај. Во рамките на филмскиот маркет на Канскиот филмски фестивал, Филмскиот Фонд на Македонија во соработка со продуцентските куќи обезбеди прикажување на филмовите „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски, „Ова не е американски филм“ во режија на Сашо Павловски и „Д-СКОПЈЕ“, омнибус во режија на десет млади режисери од Македонија.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Борис Георгиевски