1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Почнува економскиот форум во Давос

Борбата против тероризмот и заздравувањето на светската економија се главните теми на годинашниов светски економски форум што започнува денеска во швајцарскиот град Давос. На средбата се очекуваат повеќе од 2 илјади и 100 учесници кои до недела ќе разменуваат мислења под мотото "Партнерство за безбедност и развој". Основачот на овој форум и поранешен професор по економија во Женева, Клаус Шваб изјави дека се поканети повеќе од 30 претседатели на држави или влади, 75 министри, 28 религиозни водачи и 50 претставници на невладини организации. Од Германија ќе присуствува министерот за економија Волфганг Клемент. Околу илјада фирми што го финансираат форумот испраќаат свои претставници, меѓу нив шефовите на Дајмлер Крајслер, БАСФ, Фолксваген, на Постбанката и банката Хипоферајн. На маргините на средбата се планирани голем број разговори, меѓу другото на генералниот секретар на Обединетите нации Кофи Анан со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган за иднината на Кипар. Се очекува и доаѓањето на американскиот потпретседател Дик Чејни, потоа на цивилниот управник на Ирак Пол Бремер, на американскиот министер за правда Пол Ешкрофт и на претседателот на Аргентина Нестор Кирхнер. Од Иран ќе допатуваат претседателот Мохамед Катами и министерот за надворешни работи Камал Карази, од Израел шефот на дипломатијата Силван Шалом, а од палестинска страна министерот за финансии Салам Фајад. Европската унија ќе ја претставува претседавачот, ирскиот премиер Берти Ахерн, но ќе дојдат и претседателот на Европската централна банка, Жан Клод Трише и специјалниот претставник за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана. Во Давос се очекува и пристигнувањето на поранешниот американски претседател Бил Клинтон. Најавени се и критички средби, меѓу другото со поранешната комесарка на Обединетите нации за човекови права Мери Робертсон. Противниците на глобализацијата планираат седечки блокади на придоите кон Давос. Во самото место демонстрациите се забранети. Полицијата ќе го обезбедува собирот со 2 илјади полицајци, а армијата со илјада и 500 војници.