1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Почнува големата авто-авантура Рели Дакар

Рели Дакар е една од најголемите авантури во автомобилскиот свет. Возачите во 2013 година треба да совладаат 8.000 километри тежок терен и тоа под екстремни услови. Кои се фаворитите на годинешниот Рели Дакар?

Рели Дакар е немилосрден и за возачите и за нивните возила. Две недели под „полн гас“, 2 недели прав, пустина и температура која знае да се искачи и до 55 Целзиусови степени.
Оваа трка од својот почеток во 1976 година традиционално се вози главно на африканскиот континент. Таа вообичаено започнуваше во некој европски град, долги години тоа беше Париз, и завршуваше во Дакар, главниот град на Сенегал. Од 2009 година наваму, поради безбедносни причини, трката се вози низ јужноамериканскиот континент, но го задржа името Дакар.
Годинешниот Рели Дакар започнува денеска (05.01.2013), во перуанскиот главен град Лима.

Еден учесник многу добро знае како да ги совлада пречките на непрегледните пространства на Јужна Америка, кои на возачите често знаат да им приредат и по некое изненадување. Стефан Петерхансел е вистинска пустинска „лисица“. Французинот е рекордер по бројот на освоени титули за најдобар возач на Рели Дакар. Шестпати тоа му појде од рака на моторцикл, а 4 пати на четири тркала.
Петерхансел е член на германскиот тим X-raid и во Перу стигна со јасна цел: одбрана на титулата во автомобилската конкуренција. Но, конкурентите не спијат. Петерхансел мора да обрне внимание пред се’ на Насер Ал Атијах и на Карлос Саинз. Петерхансел ќе управува со комплетно преуредениот Мини АЛЛ4, кој германските медиуми веќе го нарекоа „дакарски монструм“.
Предизвикувач на „монструмот“ е „Баги“, кој ќе го вози победникот на Дакар 2011-та, Насер Ал Атијах, од Катар Ред Бул Буги тимот. „Тргнувам во трката со потполно ново возило, тоа е мојот најголем предизвик на ова рели“, изјави Ал Атијах.

Враќањето на Саинз

По едногодишна пауза, на Рели Дакар се враќа и 50-годишниот поранешен шампион Карлоз Саинз. Негов копилот е Германецот Тимо Готшалк, а тој заедно со Ал Атијах победи на трката во 2011. Овој пат Берлинецот не е премногу оптимист: „Рели Дакар е огромен тест и за екипата и за техниката. „Баги“ скоро и да не го тестиравме, многу работи можат да тргнат наопаку“, тврди Готшалк и сепак додава дека со Саинз „сака да биде на врвот“ на секупниот поредок.
Многу помали шанси стручњаците за победа на Рели Дакар му даваат на Германецот Дирк фон Цицевиц. Победникот на Релито во 2009 година е копилотот на Жиниел де Вилер (Јужноафриканска Република) во Тојота. Од друга страна може да изненади ѕвездата на НАСКАР, Роби Гордон (САД). Во конкуренцијата на мотоцикли се очекува нов триумф на возачот на КТМ и бранителот на титулата Сурил Десорес (Франција).



По стартот во Лима, возачите тргнуваат на двонеделен пат, на точно 8.574 километри поделени во 14 етапи. Мотоциклистите и камионите ќе апсолвираат малку полесни рути од автомобилите. По краткиот „излет“ во чилеанската пустина Атакама, натпреварувачите стигнуваат во Аргентина. Целта на релито е Сантијаго, главниот град на Чиле.

Црна статистика

На петото издание на јужноамериканско тло на познатиот Рели Дакар (од вкупно 35 изданија), учествуваат 200 мотоциклисти, 160-тина автомобили и 75 камиони. Дури 53 нации се застапени на оваа опасна авантура.
А колку навистина е Дакар опасен, потврдува и црната статистика. Од првото издание во сезоната 1978/79 наваму, на ова рели животот го загубија 60-тина лица.