1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнуваат консултации за претседател на Собранието

13 март 2017

Поминаа 73 дена откако се верификувани мандатите на пратениците, а парламентот сѐ уште е без претседател. Според неофицијални проценки, собраниска седница би можела да се закаже в среда или четврток.

https://p.dw.com/p/2Z4yv
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

Партиите кои го сочинуваат парламентарно мнозинство од денеска почнуваат консултации за избор на претседател на Собранието, а по нивното завршување ќе иницираат свикување на седница на парламентот. Според неофицијални проценки, седницата најрано би можела да се одржи в среда (15.03) или четврток. До денеска изминуваат 73 дена откако на 30 декември 2016 година се верификуваа мандатите на 120-те народни избраници кои го сочинуваат деветтиот парламентарен состав: 51 од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 49 од Коалицијата предводена од СДСМ, 10 од  ДУИ, 5 од Беса, 3 од Алијанса на Албанците и два од ДПА. Како што е познато, во новиот парламентарен состав нема избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови, а меѓу избраните пратеници 62 се нови, а 58 се од претходниот состав. Конститутивната седница на парламентот со која во декември претседаваше Трајко Вељаноски беше прекината, бидејќи немаше предлог од десет пратеници за формирање Комисија за прашања на избори и именувања што ќе предложи нов претседател на Собранието, со оглед дека тогаш не постоеше обезбедено мнозинство кое би го поддржало тој предлог.

Спикер, па мандат

Откако тоа мнозинство е обезбедено со 67 пратенички потписи, партиите кои го сочинуваат мнозинството и натаму се во очекување претседателот Ѓорге Иванов да му го даде мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Дотогаш, редоследот по кој би течела нивната постапка е следен: ако партиите од мнозинството деновиве постигнат договор кој да биде претседател на Собранието, ќе побараат продолжување на конститутивната седница, за да се избере Комисијата за избори и именувања и да се избере новиот претседател на законодавниот дом. Според нив, од тогаш почнуваат да течат десетте дена во кои претседателот Иванов треба да им го даде мандатот.

Од СДСМ и во деновите од викендот го повикаа Иванов да му даде мандатот на Зоран Заев, повикувајќи се на владината програма што во петокот ја презентираше лидерот на СДСМ, образложувајќи  дека „нема никакви платформи, туку единствена програма на идна влада“.

„Програмата на новата реформска влада ја гарантира унитарноста на државата и обезбедува развој и напредок на земјата. Затоа Иванов е должен да го почитува Уставот, да го даде мандатот на претседателот Заев, кој обезбеди 67 потписи за формирање влада и да овозможи мирен трансфер на власта“, се вели во соопштението од СДСМ.

Mazedonien Gjorge Ivanov mit Zoran Zaev
Кругови блиски до шефот на државата тврдат дека Иванов нема да ја смени одлуката за мандатотФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Од Кабинетот на Иванов во изминатите три дена немаше никаков одговор или коментар на владината програма на СДСМ, која според аналитичари, „ги избива сомнежите на Иванов за наводни опасности за унитарноста на државата“, а кои тој ги објасни како „многу посуштествен проблем“ кога реши да не го даде мандатот.

Според извори од мнозинството, по избор на претседател на Собранието Иванов ќе биде должен да го даде мандатот за состав на влада. Но, кругови блиски до шефот на државата тврдат дека тој нема да ја смени одлуката. Сепак, најмногу прашања и шпекулации наметна информацијата што ја објавија дел од медиумите, а од Кабинетот на Иванов до денес не е демантирана - дека Иванов на 24-ти март заминува во десетдневна посета на македонската дијаспора во Австралија. Прашањата се - дали Иванов намерно заминува за да не биде во Македонија на истекот на „десетте дена“ или ќе замине за да ги избегне реакциите на незадоволство ако претходно го даде мандатот? И трето - доколку од одредени причини дотогаш не биде избран нов претседател на парламентот, кој ќе го „заменува“ Иванов ако тој не биде во земјата? 

Нови избори

Разговор на оваа тема одбиваат и од ВМРО-ДПМНЕ. Единствената „константа“ на која е посветена партијата, енејзиното барање „СДСМ да се откаже од 'Тиранската платформа'“.

„Не отстапуваме од националните и државните интереси и затоа му нудиме на Зоран Заев да прифати поддршка од ВМРО-ДПМНЕ да формира Влада, откако претходно јавно ќе се откаже од Тиранската платформа и елементите содржани во неа. Во интерес на зачувување на мултиетничкиот карактер на државата му нудиме на Зоран Заев да прифати нови парламентарни избори заедно со локалните, со цел граѓаните да имаат можност да се произнесат и да кажат што мислат за Тиранската платформа. Изборите се всушност најдобрата дебата во која Зоран Заев може да ја отвори по ова сериозно прашање кое е закана по унитарниот и мултиетничкиот карактер на државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, владината програма што ја презентираше Заев, од ВМРО-ДПМНЕ ја оценија „како привремено купување време и фасадирање на граѓанското незадоволство“.