1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почна црногорската пролет?

Поевтин и подобар живот, одговорна власт, независен универзитет и слободни медиуми - црногорските граѓани повторно излегоа на протести незадоволни од животот и властите во земјата.

Несекојдневно неделно попладне во Подгорица. Плоштадот на Републиката вообичаено резервиран за детски игри, беше епицентар на граѓанско незадоволство. Разочарани студенти, работници и оние кои би сакале да имаат работа на неколку десетици метри од седиштето на Владата и од Собранието, во еден глас од властите побараа промени.

Извршната директорка за афирмација на невладиниот сектор Вања Чаловиќ укажува на барањата на луѓето во земјата: „Нема да живееме во земја во која работниците бараат права во јамите, сакаме обвинители кои сакаат да апсат криминалци, а не да ги нарекуваат морални. Сакаме полиција која ќе го уапси дури и поранешниот премиер Мило Ѓукановиќ“.

Подобар живот

Proteste in Podgorica, Montenegro

Од протестите во Подгорица

Граѓаните на Црна Гора бараат пред се‘ подобар живот, односно пониски цени на струјата, горивата и телефонот, бесплатно образование, но и одговорност за лошите економски одлуки, велат експертите во земјата. Претседателот на Унијата на слободни синдикати Срѓа Кековиќ од вчерашниот собир и‘ порача на Владата: „Време е да ги скинете синџирите и катанците да отворите нови работни места. Господа од Владата, време е одговорните да одговараат за тоа каде се стотици милиони, кои се вложени во Комбинатот за алуминиум во Подгорица“.

На удар на демонстрантите беше и некогашниот премиер Мило Ѓукановиќ. Многу луѓе во земјата, во долгогодишното владеење на Ѓукановиќ гледаат главна причина за сегашната лоша состојба во земјата. Најостри критики стигнаа од студентите, кои на собирот ги претставуваше Огнен Јововиќ:

„За се’ е виновен олигархот Мило Ѓукановиќ. Заборавија дека има уште студенти кои не сакаат во партија, туку сакаат работа.“

Тажна статистика која предупредува

Бројките најдобро говорат за црногорското стопанство. Имено, без работа, според Републичкиот завод за статистика, е една четвртина од населението. Во некои градови како Рожај, работа има само 15 насто од работоспособното население. Цените на горивата на почетокот на годината ги соборија сите рекорди, а февруарската сметка за струја е зголемена за седум насто. Масло на огнот долеаја и владините гаранции за кредит за Комбинатот за алуминиум, поради кои даночните обврзници треба да платат 170 милиони евра.

Сепак, ваквите бројки го освестија само секој стоти жител на Црна Гора ако се земе предвид дека на протестите на плоштадот во Подгорица, според проценките на полицијата, учествуваа околу 7.000 граѓани.

Организаторите на демонстрациите - Унијата на слободни синдикати, Мрежата за афирмација на невладиниот сектор и Студентската унија - велат дека на Плоштадот на Републиката се собрале најмалку 15 илјади граѓани. Нивниот ентузијазам не е скршен и тие веруваат дека три дена пред календарската веќе започнала црногорската пролет.

Автор: Јелена Кулиџан / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска