1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почна топењето на мразот меѓу Загреб и Белград

Ако се суди според очекувањата на Загреб, денеска (16.01) почнува нова фаза во односите на Хрватска и Србија. Општо мислење е дека заминувањето на премиерот Милановиќ кај српскиот колега Дачиќ е нужно за напредок.

Односите меѓу двете земји се заладија по победата на Томислав Николиќ на претседателските избори во Србија. Тоа беше непријатно изненадување за Хрватска, која во дотогашниот претседател Борис Тадиќ гледаше веродостоен партнер во поправањето на односите и решавањето на натрупаните проблеми. Политичкото педигре на актуелниот српски претседател Николиќ пак, не и‘ одговараше на хрватската јавност која најмногу му забележа поради наводното злосторство во хрватското село Антин, недалеку од Вуковар. Имено, претседателката на Фондот за хуманитарно право од Белград, Наташа Кандиќ, тврдеше дека Николиќ во тоа село во паравоената формација „Следбеници на Шешељ“ во 1991 година ликвидирал хрватски цивили.

Јосиповиќ: Не е момент за средба со Николиќ

Остра полемика со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ покрена изјавата на Николиќ за Вуковар како српски град, а таа е продолжена со изјавите врзани за хашката пресуда со која хрватските генерали Готовина и Маркач се ослободени од обвиненијата за воени злосторства, како и изјавите околу акцијата „Бура“.

Brüssel Tadic Josipovic

Иво Јосиповиќ и Борис Тадиќ на 16 октомври 2012 година во Брисел добија „Европски медал за толеранција“

Денес Јосиповиќ порачува дека е добро што премиерот Зоран Милановиќ оди во Белград за да се продолжи она што во изминатите три години придонесе за поправање на односите. Тој самиот пак, се чини, не е подготвен за состанок со српскиот колега. „Тој момент ќе дојде кога ќе можеме да ја убедиме јавноста во Хрватска и Србија дека имаме заедничка платформа за развој на нашите односи. Ова е прв чекор. Значи, разговорот на нашите премиери е многу добар чекор“, вели хрватскиот претседател.

Полесно е Милановиќ да отиде во Белград

Универзитетскиот професор во пензија и политиколог Бранко Царатан во разговор за ДВ тврди дека односите на Хрватска и Србија не назадувале, туку дека станува збор за застој. „Во Србија беше користен речник наменет првенствено за домашна употреба. Хрватска на тоа реагираше прилично

Kroatien Premierminister Zoran Milanovic Archivbild

Зоран Милановиќ

мирно и поради тоа заминувањето на Милановиќ кај премиерот Ивица Дачиќ е логичен исчекор во насока на поправање на односите во регионот.“

Царатан оценува дека ситуацијата, поради неодамнешните изјави на српските политичари, би била многу покомпликувана доколку српскиот премиер во овој момент доаѓаше во Загреб. „Можеше да се очекува негативна рекација, првенствено во медиумите. Вака тоа ќе биде поинаку коментирано.“

Според Царатан, не треба толку бргу да се очекува состанок на претседателите на двете земји којшто симболично би требало да означи добри односи и заемно разбирање. Тој објаснува дека претходно сепак треба да мине период во којшто на техничко ниво би се решавале отворените прашања.

Ivica Dacic in Brüssel

Ивица Дачиќ

Застапникот на српското малцинство во хрватскиот Сабор, Драган Црногорац, за ДВ вели дека се радува на средбата на премиерите и се надева дека е тоа крај на, како што вели, непродуктивната состојба за земјите и за регионот. „Дали ќе дојде до средба на претседателите? Не можам да предвидувам, но би сакал тоа да се случи. Се надевам дека Јосиповиќ и Николиќ се свесни за важноста на својата положба, не само за државите, туку и за Србите во Хрватска и за Хрватите во Србија. Искрено се надевам дека денес ќе биде завртена нова страница во односите на Србија и Хрватска“, вели Црногорац, кој е пратеник на Самостојната демократска српска партија.