1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почна судењето на обвинетите за силување во Индија

Осомничените извршители на групното силување на Индијката, која почина по неколку дена од злосторството, денеска (07.01) се појавија пред суд. Поради хаосот, сослушувањето се одвиваше зад затворени врати.

Двајца од обвинетите за групно силување, во надеж дека ќе добијат поблаги казни, изразија подготвеност за соработка со правосудните органи, се вели од кругови на судот.

Секој од петтемина обвинети на возраст од 19 до 35 години го доби комплетното обвинение, соопшти судијката Намрита Агарвал пред новинарите, по кусото сослушување на обвинетите. Наредното сослушување е закажано за четврток (10.01).

Обвинетите беа донесени во судот сокриени од очите на јавноста (фото горе: полициското возило со кое беа транспортирани обвинетите), поради тоа што се стравува за нивната безбедност. Многу луѓе бараа јавно смртна казна за нив. Поради преполната судска сала, која собира околу 30 луѓе, а за влез се туркаа најмалку 150, судијката Агарвал побара сослушувањето да се одржи зад затворени врати.

За групното силување на 23-годишната студентка во автобус во Њу Делхи се обвинети вкупно шест лица. Студентката по силувањето била заедно со нејзиниот пријател исфрлена од автобусот. Девојката почина неколку дена по силувањето. Нејзината судбина предизвика бран протести во Индија. Шестиот обвинет има 17 години и треба да се појави пред суд за малолетници.