1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Почна судењето на Бошковски и Тарчуловски

Судницата 1 на Хашкиот Трибунал е местото каде двајца македонски државјани за првпат седнаа на обвинителната клупа за да одговараат по обвиненијата за кршење на законите или обичаите на војување. Љубе Бошкоски, поранешен министер за внатрешни работи и Јохан Тарчуловски, некогашен телохранител на експретседателот Борис Трајковски се соочуваат со обвинение за убиство, безобзирно разурнување на градови и

Љубе Бошковски, екс министер за внатрешни работи

Љубе Бошковски, екс министер за внатрешни работи

села и за сурово постапување.

Јавноста во Македонија ќе има можност изворно да дознае што се случувало на 12 август 2001 година во селото Љуботен, оддалечено на 10 километри воздушна линија од центарот на Скопје. Обвинителството тврди дека на тој ден Тарчуловски командувал со полициска единица составена претежно од резервисти, која извршила одмазднички напад врз Љуботен, убивајќи притоа седуммина жители на селото на лице место, била виновна за смртта на уште тројца кои починале како резултат на повреди здобиени од тепање и малтретирање, а во наредните денови во неколку полициски станици во Скопје, биле матретирани уште најмалку 100-ина жители на селото. Во текот на нападот, единицата на Тарчуловски, тврдат во Хаг, разурнала и 14 куќи. На нападот врз Љуботен, му претходеше загинувањето на осуммина припадници на македонските безбедносни сили, откако во непосредна близина на Љуботен припадниците на ОНА поставија далечински управувана мина на која налета конвој со возила.

Љубе Бошкоски, пак ќе одговара според принципот на командна одговорност, односно дека знаел, но не презел никакви мерки од позиција на министер за внатрешни работи, за да го истражи случаја eт и да ги казни сторителите на овој акт. Овие настани се случуваа за време на шестмесечниот конфликт во Македонија во 2001 година, кој заврши со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, точно еден ден по случувањата во Љуботен на 13 август. „Како и во сите други случаи ние се занимаваме со индивидуална кривична одговорност, и една од целите на судењето е токму да ја отстрани претпоставката за колективна одговорност. Двајцата обвинети во овој случај сносат голема кривичната одговорност и се обвинети за многу сериозн и злосторства.Обвинението верува дека се виновни за стореното и ќе се обиде да го докаже тоа. Треба да се нагласи дека станува збор за поединци кои се обвинети, а не држави или ентитети и не треба да се разбере дека на било кој начин обвинувањата се однесуваат на некаков колектив, туку индивидуални злосторства. “, вели за ДВ портпаролката на Хашкото обвинителство, Олга Кавран.

Обвинителството веќе најави дека ќе изведе 90-ина сведоци против Бошкоски и Тарчуловски, а истиот број на луѓе се очекува да сведочат и во корист на одбраната.

Од одбраната на двајцата обвинети во пресрет на почетокот на судењето одбиваат да коментираат било што во врска со нивната стратегија за време на процесот и начинот на кој ќе ги побиваат аргументите на обвинителството. Но оние кои ги поддржуваат Бошкоски и Тарчуловски тврдат дека се невини и оти тоа на судењето и ќе се докаже. „На судењето очекуваме уште во првиот дел кога ќе бидат сослушани сведоците на обвинителството, обвинието против Бошкоски и Тарчуловски да добие прав лик односно да се докаже дека и сведоците на обвинителството сметаат дека тие се невини и дека неправедно повеќе од две години се на оѓаат во затворот во Шевенинген“, вели Горан Митевски, поранешен Директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, во времето кога Бошкоски беше министер за внатрешни работи во Македонија. Митевски тврди дека обвинението против некогашниот негов претпоставен, за командн а одговорност во случајот не држат бидејќи тој како министер ги презел сите неопходни мерки да го истражи случајот и да ги казни евентуалните сторители на злосторства.

Атмосферата во Македонија во пресрет на почетокот на судењето е мирна. Освен билбордите поставени низ главниот град Скопје во знак на поддршка на Бошкоски, нема некакви видливи знаци на незадоволство или некаква организирана кампања во корист на обвинетите. Претседателот на Македонскиот хелсиншки комитет, Исо Руси, сепак предупредува дека дел од политичарите во земјата би можеле да се обидат да го искористат судењето за будењето на некои духови од минатото, што пак негативно би се одразило врз аспирациите на Македонија за приближување кон НАТО и ЕУ.„За жал уште непочнато судењето против Бошкоски и Тарчуловски во Хаг веќе предизвикува некои политички турбуленции. Самото одење на парламентарна делегација во Хаг да ги посети говори за заинтересираноста на дневната политика да се бави со овие случаи и токму тука лежи опасноста од натамошна политизација на овој случај. Случајот може да добие некои несакани димензии и со евентуален негативен развој во однос на нашите аспирации за членство во НАТО и свртување на владејачката гарнитура кон популистичка политика“, оценува Руси.

Засега никој во Македонија не може или не сака да го прогнозира исходот на судскиот процес. Неизвесно е и кога тој ќе заврши, бидејќи најавите дека судската одлука може да се очекува уште во октомври годинава, паднаа во вода уште пред почетокот на судењето, откако за три недели е одложено сведочењето на првите сведоци на обвинителството.