1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почна судењето на Андерс Бреивик

Во Осло почна судењето на човекот кој во јули минатата година уби 77 луѓе во Норвешка. Расправата ќе се води околу тоа дали Бреивик е ментално здрав.

Во Осло денеска почна судењето на Андерс Беринг Бреивик, обвинет за минатогодишниот масакр во Норвешка во кој загинаа 77 луѓе, претежно деца. Иако го призна злосторството, адвокатите на Бреивик најавија дека тој во текот на судењето ќе се изјасни за невин.

Во текот на сослушувањето, своите акции Бреивик ги опиша како „сурови, но неопходни“ за да им се спротивстави на државните непријатели и да спречи „муслиманска инвазија“ во Европа.

Се очекува во текот на судењето клучната расправа да се води околу тоа дали Бреивик е ментално здрав. По првата психијатриска анализа беше утврдено дека Бреивик е луд, додека втората го утврди спротивното. Од вештачењето ќе зависи дали Бреивик, доколку биде осуден, ќе оди на издржување затворска казна или, пак, во психијатриска установа.

Тој самиот инсистира дека е здрав и бара неговата антиисламска идеологија, која ја објави на 1.500 страници на интернет, да биде сериозно разгледувана.

Согласно норвешките закони, доколку биде прогласен за виновен, 33-годишниот Бреивик ќе добие максимална затворска казна од 21 година, која потоа може да биде продолжена доколку се оцени дека тој претставува закана за безбедноста.