1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почна спектакуларниот политички процес против Бо Силаи

Последен акт во еден од најспектакуларните политички скандали во Кина: почна судскиот процес против поранешниот врвен функционер Бо Силаи, обвинет за корупција и злоупотреба на функцијата.

Бо Силаи не се предава. На почетокот на судскиот процес во градот Џинан тој го отфрли обвинувањето за примање поткуп од бизнисмен во висина од 1,1 милиони јуани (134.000 евра). Силаи пред судот рече дека од страна на Дисциплинската комисија на Комунистичката партија во текот на истрагата бил принуден да признае дека земал мито.

„Не сум запознат со деталите од овој случај“, изјави Силаи по првата точка од обвинението. Силаи, кој е обвинет за поткуп, проневера на јавни средства и злоупотреба на функцијата, има намера да одговара на сите точки од обвинението одделно.

Почетокот на судскиот процес беше засенет со апсења на приврзаници на Силаи и други демонстранти кои протестираа пред судот. Државната телевизија јави дека процесот ќе трае два дена, а пресудата треба да биде објавена во септември.

Длабокиот пад на полит-ѕвездата

Случајот Силаи се оценува како најголем политички скандал во Кина по падот на „четворката“ околу вдовицата на Мао, Џијанг Кинг, во 1976 година. На поранешниот член на Политбирото на Комунистичката партија му се заканува долгогодишен затвор, можеби дури и казна доживотен затвор. Бо Силаи беше лидер на партијата во градот Џинан и си создаде имиџ на човек со „чисти раце“.

Bo Xilai

Бо Силаи сака да одговара на сите точки од обвинението одделно

Тој правеше напори да им овозможи на граѓаните на 30-милионскиот град да имаат што е можно поголем удел во економските успеси. Поради тоа харизматичниот функционер стана идол на КП-носталгичарите. Ширум земјата Бо стана популарен со своите постапки против корумпирани функционери.

Неговиот пад почна на почетокот на 2012 година. Тој ја загуби функцијата во Чонгкинг, мораше да се откаже од местото во Политбирото, а го загуби и пратеничкото место и на крајот беше исклучен од партијата. Левото крило на партијата во тоа виде натамошно вртење на грбот на принципите на Мао, наспроти групите во партијата кои се залагаат за забрзување на реформите.

Сопругата на Бо, Гу Каилаи, минатата година доби условна смртна казна поради убиство на британски бизнисмен, што овозможи казната да биде претворена во доживотен затвор. Властите минатата година го обвинија Бо дека ја злоупотребил функцијата за да го сокрие злосторството. Поради убиството беше поведена истрага против Бо и тоа беше почеток на неговиот пад.