1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почна самитот на Групата Г8

Шефот на Европската Комисија Жозе Мануел Барозо најави дека ЕУ ќе издвои една милијарда евра за помош на земјоделското население во сиромашните земји. Предлогот дојде на самитот на Групата Г8.

default

Хотелот Виндзор во јапонското одмаралиште Тојако е местото за разговорите на шефовите на држави и влади од Групата Г8

На самитот на Групата Г8 во јапонското место Тојако, Барозо посочи дека средствата од аграрните фондови на ЕУ треба да послужат за набавка на семенски материјал и ѓубриво. Со тоа ќе му се помогне на локалното население во земјите во развој подобро да излезе на крај со актуелната криза околу поскапувањето на прехрамбените производи. Оваа тема е една од главните на самитот на шефовите на држави и влади од Групата седум најразвиени земји и Русија.



Потребни се шест милијарди долари помош


Според информациите на Светската банка на сиромашните земји во светот итно им се неопходни шест милијарди долари за да се справат со кризата поврзана со поскапувањето на прехрамбените производи и нафтата. Само на тој начин може да се обезбеди излез од кризата што може да доведе до сериозни пореметувања на безбедноста и демократскиот развој во светот. Токму на таквите опасности по светскиот мир предупреди и германската канцеларка Ангела Меркел во писмото упатено до колегите од останатите седум земји членки на Групата Г8.


Причината за ваквото предупредување и слободно може да се каже сигнал за тревога упатен од германската канцеларка е драматичното зголемување на цените на прехрамбените производи во светот. Според статистиките на Светската банка тие само за изминатите три години се зголемиле за 83%. Исто така глад владее во најмалку 33 држави во светот. Во неколку од нив веќе се случија нереди, а на Хаити дури падна владата поради кризата со прехрамбените производи. Според канцеларката Меркел може да се очекуваат и натамошни нереди и избувнување насилни револти – цените имено се зголемуваат и понатаму!


Помош за самопомош


При справувањето со кризата околу исхраната на човештвото, германската канцеларка предлага засилено поттикнување на домашното производство во загрозените земји.


„Ќе се советуваме околу можностите како индустриски развиените земји да им помогнат на африканските да ги зајакнат сопствените земјоделски капацитети.“


Останатите теми: нафтата и екологијата


Со лидерите на неколку африкански земји, кои присуствуваат на првиот дел од самитот, шефовите на држави и влади од Групата Г8 денеска разговараат и за проблемите со цените на нафтата и другите енергенси.


Трета важна тема на самитот во јапонското место Тојако е заштитата на климата. Од круговите на германската делегација на самитот се дознава дека владее воздржан оптимизам околу постигнувањето обврзувачки цели во намалувањето на испуштањето јаглерод диоксид во атмосферата. Се очекува и спор околу засиленото користење на атомската анергија, на што апелираат САД. Советникот за климатски прашања на американскиот Претседател Џорџ Буш нагласи дека засиленото користење на нуклеарките може дури да се смета за лакмус хартија за сериозноста на одделни влади во врска со заштитата на климата. Кандидатот за иден претседател на САД од редовите на Републиканската партија Џон Мек Кејн најави изградба на сто нови нуклеарки во неговата земја во наредните три децении.