1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Почна процесот за Ел Масри

Калед Ел Масри бара од Македонија да му исплати отштета од 50.000 евра, поради нелегално приведување и израчувањето на агенти на ЦИА кои го префрлиле во Авганистан, каде бил малтретиран.

default

Калед Ел Масри бара обештетување од 50.000 евра

Во Основниот суд 2 во Скопје денеска (04.02) почна процесот за случајот на германскиот државјанин со либанско потекло Калед Ел Масри. Сослушана беше Клара Гетериџ, сведок на адвокатскиот тим на Ел Масри, кој тврди дека бил киднапиран и тепан на територијата на Македонија. Гетериџ е дипломиран правник и работи во невладина организација која води истражувачки проекти за случаи на неоправдан притвор и дава правна помош на луѓе кои се соочуваат со смртна казна.

Сведокот и судијата два часа се натегаа и расправаа дали таа има физички доказ за нејзините тврдења дека најверојатно Ел Масри бил жртва на полицијата.

На моменти во доста тензична атмосфера, сведокот Гетериџ, тврдеше дека има докази кои ги дала на истражните органи во Шпанија, кои спроведуваат истрага и кои побарале екстрадиција на лица од САД, за кои се верува дека се припадници на разузнавачката агенција ЦИА. Тие лица, според тврдењето на Клара Гетериџ, биле во авионот кој го носел Ел Масри од Скопје за Кабул. Но САД одбиле да извршат екстрадиција со што постапката е запрена. Судијата инсистираше сведокот да презентира докази, но Гетериџ освен планот на лет на авионот и листата на екипаж немаше никакви други докази.

Неколку пати Гетериџ рече дека верува дека Ел Масри бил во авионот, но ниту го видела, ни пак разговарала со него за да ги потврди неговите тврдења.

Ел Масри тврди дека во 2003 година бил киднапиран од македонските власти и предаден на агенти на ЦИА кои четири месеци го мачеле во таен затвор во Авганистан додека не утврдиле дека не е терористот што го бараат.

Ел Масри од Македонија бара оштета од 50 илјади евра и извинување. Тој води процес против Македонија и пред Европскиот суд за човекови права.

Автор: ЕМФ/макфакс

Редактор: Симе Недевски